Криштопанс останува и следната сезона, Вардар се бори за Карачиќ и Милосављев

Вардар по вторпат во клупската историја ја освои титулата во ракометната Лига на шампионите, откако во неделата во финалето на турнирот на четирите најдобри екипи во Келн славеше над унгарскиот Веспрем со 27:24, но тој натпревар беше последен во Вардар за најмалку шестмина ракометари од актуелниот ростер. Или барем требаше да биде така.

Десниот бек на Вардар, Даинис Криштопанс, ќе си замине од Скопје, но останува уште една сезона во редовите на ракометниот европски шампион.

Како што е добро познато „летонскиот џин” потпиша договор со ПСЖ кој му почнува од 2020 и засега нема никакви информации дека побарал предвремен раскин на договорот и премин една година порано.

Значи, во овој момент останува еден од главните ракометари за наредната сезона, што е голем плус за тимот од Скопје ако се земе во предвид како игра „џинот”. Одговорот кога Криштопанс ќе се пресели во Париз, ќе се добие веројатно истовремено со плановите на Вардар за следната сезона. Засега стои дека и следната сезона Летонецот ќе игра во Вардар.

Игор Карачиќ има потпишано договор со Кјелце, а Дејан Милосављев треба четири години да го брани голот на Фуксе Берлин, додека Рожерио Мораес заминува во Веспрем на три сезони. Заминуваат и Дмитриј Кисељов, Глеб Калараш и Јања Војводиќ.

На денешниот прием во Владата, почесниот претседател на Вардар, Михајло Михајловски, најави дека ќе се обидат да вратат дел од играчите што имаат договори со другите клубови.

„Секој што потишал за друг клуб, а што сака да остане ќе се разговара со него и новиот клуб. Нема договор што не може да се раскине“, најавил Михајловски на приемот во Владата.

Најмногу притисок од навивачите има за останување на Карачиќ и Милосављев, кои нема сомнеж дека би сакале да продолжат да го носат „црвено-црниот“ тим.

Притоа треба да се потсети на случајот со Дарко Станиќ, кој во времето кога бранеше за Металург, имаше потпишано договор со Гепинген, но Србинот по одличната сезона и настапите во ЛШ посака да остане во Автокоманда. Германците не сакаа играч што не сака да брани за нив, клубовите се договорија, Гепинген го доби за возврат Жарко Марковиќ, а Станиќ ја продолжи авантурата во Скопје.