Критичен момент во пандемијата: Премногу земји бележат експоненцијален раст на Covid-19

Северната хемисфера преживува „критичен момент“ во пандемијата на коронавирусот, предупреди во петокот директорот на Светската здравствена организација (СЗО – WHO), Тедрос Аданом Гебрејезус, и оцени дека премногу земји бележат експоненцијален раст на коронаинфекции на дневно ниво.

„Се наоѓаме во критичен момент од пандемијата, особено северната хемисфера… Преголем број земји бележат експненцијално зголемување на случаите на Covid-19 и тоа доведува до тоа болниците и единиците за интензивна нега да се близу или веќе да ги пречекориле своите капацитети, и тоа уште во октомври“, изјави Тедрос на брифингот со новинарите во седиштето на СЗО во Женева.

Оцени дека „наредните месеци ќе бидат многу тешки и оти некои земји се на опасен пат“.

Во текот на последните 24 часа близу половината од потврдените случаи во светот се регистрирани во Европа, прецизираше шефицата на одделот за водење на пандемијата во СЗО, др Марија Ван Керков.

Во неколку европски земји капацитетите на болниците ќе бидат пополнети веќе следните седмици, предупреди Ван Керков.

„Ги повикуваме челниците веднаш да преземат мерки за да се избегнат непотребните смртни случаи, уривањето на основните здравствени услуги и затворањето на училиштата. Како што реков во февруари, повторувам и денеска, ова не е вежба“, предупреди Тедрос.

Челникот на оваа агенција на Обединетите нации предупреди и дека општиот карантин ќе може да биде избегнат доколку владите успеат да ги усовршат своите системи за барање на контактите и да се концентрираат на изолација на сите случаи и карантин на контактите.

„Повеќепати видовме во светот дека никогаш не е предоцна челниците да дејствуваат и да ја совладаат епидемијата“, додаде Тедрос.

Пандемијата на новиот коронавирус SARS-CoV-2 кој се појави кон крајот на декември 2015 година во Кина, досега усмртила во светот над 1,1 милиони луѓе. Ширум Европа има повеќе од 8,2 милиони заразени досега и повеќе од 258.000 починати од компликациите кои ги предизвикува респираторната болест Covid-19 чиј патоген е овој вирус.