Кривата на Филипче скршна во политиканството на Заев – стана негов послушник

Што се случува во Македонија со пандемијата на Ковид-19? Ова е првото прашање што секој ќе си го постави откако официјалните власти објавија дека коронавирусот е под контрола и дека е при крај епидемијата, но вчерашните и денешните бројки се силна шлаканица дека нешто се случува што е далеку од тврдењата на власта и министерот за здравство Венко Филипче, како најистурен играч во борбата со невидливиот противник. Вчера имавме 38 новозаболени и тројца починати, а денес веќе 52 луѓе се заразени со Ковид-19, што е една од највисоките бројки од почетокот на епидемијата, и четворица починати.

Сакале или не, ние сме една од водечките држави во регионот по бројот на констатирани случaи и починати, ако на ова се додаде бројот на жители, тогаш водечка земја по бројот на починати.

Според статистика до вчера на Светската здравствена организација (СЗО), состојбата во регионот е следната:

Македонија – потврдени 2040 случаи, 119 починати
Грција – потврдени 2903 случаи, 173 починати
Албанија – потврдени 1076 случаи, 33 починати
Косово – потврдени 1047 случаи, 30 починати
Црна Гора – потврдени 324 случаи, 9 починати
Србија – потврдени 11.275 случаи, 240 починати
Босна и Херцеговина – потврдени 2419 случаи, 149 починати
Хрватска – потврдени 2244 случаи, 101 починати
Словенија – потврдени 1471 случаи, 107 починати
Бугарија – потврдени 2460 случаи, 133 починати.

Според нашето Министерство до денес се дијагностицирани 2.129 заразени, бројката на оздравени пациенти е 1.516, на починати се 126, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 487.

Филипче решително тргна во битката против коронавирусот, иако како дамка од почетокот во справувањето во пандемијата му е прикривањето на директорката на Клиниката за кожно венерични болести Нина Цаца Билјановска која од строј исфрли речиси 200 доктори и медицински персонал. Можеби сето тоа било на колегијална основа, но никого не го ослободува од етичката одговорност.

Како загусти работата со коронавирусот, така и министерот и министерството почнаа да пливаат во политичките води насочувани од други, со што некои работи почнаа да бегаат од контрола. Некои работи беа директно посочени до Филипче за подобро справување со кризата, а и тие луѓе не беа лаици, туку стручњаци со долгогодишно искуство во здравството кои срдечно се вклучија да се победи невидливиот непријател. Тогаш немаше изгледност од каде доаѓаа препораките да не се прифаќаат стручните мислења, само затоа што некогаш биле од другата (политичка) страна.

Но дека политиката се меша, односно командува, се виде и со тендерот за респираторите кој под притисок на јавноста беше поништен поради превисоката цена. Потоа дојде случајот Куманово. Градоначалникот Максим Димитриевски бараше истоветни мерки за Куманово како што беа донесени за Дебар, за да ги заштити жителите на градот од коронавирусот. Тоа барање не му беше удоволено. Следеше посетата на Куманово и скандалозниот позитивен тест на градоначалникот Димитриевски и на одговорниот на противпожарната единица, по што во карантин отидоа Филипче, Бујар Османи и техничкиот премиер Оливер Спасовски, за среќа, никој не беше позитивен. Арно ама, му се истурија на Димитриевски и го обвинија дека требало да не ја организира прес-конференцијата. Ниту тој не им остана должен, точно посочи кај е вината – во Владата, заради што се најде на удар од централата во Скопје каде што главен командант е Зоран Заев. Но самоуверено Максим порача и дека не треба да се игра со чувствата на народот во врска со јазикот и знамето. Очигледно е дека Заев гледа протвиник во Димитриевски, па затоа го втурна во пресметката и Филипче.

Како почна да се зборува за избори така Филипче се повеќе си играше по нотите од Бихаќка отколку по здравствената етика. Заев игра како со главен адут на што побрзи избори и затоа се форсира тезата дека добро се справивме со епидемијата и дека постепено може да се релаксираат мерките во државата. За наша несреќа, оваа нивна теза покажува дека „кривата е крива – не е права“ и како бумеранг ни се врати со зголемен број на заразени пациенти, ама и починати додека другите држави прогласуваат крај на епидемијата, како Црна Гора и Словенија, а Хрватска, Грција, Бугарија и Албанија се подготвуваа и ја почнаа туристичката сезона, ги отворија границите, економијата почна да мрднува.

Пазарот на Заев за албански гласови му донесе омаловажување/ уцена од веќе разрешениот реис на Исламската верска заедница (ИВЗ), цената мораше да ја плаќа Филипче и да се толерираат ифтарските собири со синтагмата „се е под контрола“, а како врв на се дојде рамазанската молитва и повторно масовно собирање. Ваквото играње со верските чувство е штетно за државата, не за заедниците. Ако не знаеш, препиши – Ердоган нареди четири дена нема излегување нема џамии, токму за здравјето на неговиот народ. Кај нас народот се турна во стратегијата на Заев и СДСМ за што побрзи избори, затоа што знаат дека ако почне да се зборува за економија колата отиде во провалија. Впрочем, тоа го покажаа мерките што беа преземени (задоцнети и скапи) за справување со кризата предизвикана од коронавирусот и незнаењето на министерката за финансии Нина Ангеловска.

Истата слика се повторува и со пазарите и пазарџиите, но оние со текстил и други работи, кои претежно се Роми. Да не зборуваме дека сега беше моментот да се стави крај на сивата економија, ама …

И пред и по лидерските средби кај претседателот Стево Пендаровски, како и од меѓународниот фактор, прстот беше насочен кон министерот Филипче и Комисијата за заразни болести, односно Кризниот штаб да кажат има ли услови за одржување избори во јуни, како што бара власта/ СДСМ. Оттаму стигна одговор „ни риба ни девојка“, сакајќи да ги избегне наредбите на претпоставениот, во случајов Заев, Венко Филипче рече дека тие донесуваат само протоколи за одржување на изборите. Во тој момент не се присети дека даваше изјави кога ќе биде пикот на епидемијата итн. Сакаше вешто или намерно да ја префрли одговорноста кај Владата и политичките партии.

Значи, нема бегање од одговорност, бидејќи во прашање се животи, а необична бројка за поткусурување. Една работа е чудна, никој не рече дека ќе одговара морално и кривично ако има толку и толку заразени на изборите, и не дај Боже, како последица на тоа и губење на човечки животи.

Избори треба да има, но не по секоја цена. Или, можеби тоа некому и не му е важно, бидејќи неговата банкарска сметка ќе биде поголема.

Филипче од доктор со респект во струката и добра стартна основа во спарувањето со корона кризата, стана слеп извршител на политиките на Заев, а здравството го исфрлија од колосек. Министерот се доведе во ситуација да тврди дека големите бројки на заразеност и починати се добри. Во таа насока беше и вчерашното соопштение од Министерството за здравство во кое и тие самите не веруваа. А денешната бројка ги удри по глава.

Не може битката да е добиена а да трае!