Кривичен бара Јанакиески и Ристовски да бидат преместени во друг затвор

Поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски денеска во затворот во „Шутка“ биле посетени од судија од Основниот суд Скопје 1 – Скопје, кој разговарал со притворените, информира судот.

-Судијата разговарал со обвинетите М.Ј. и С.Р. кои вчера беа физички нападнати во затворот. При посетата е констатирано дека состојбата во Затворот денеска е мирна, без нарушување на редот и мирот, а сите активности на притворените лица се одвиваат непречено. Обвинетиот М.Ј. пред судијата изјавил дека по вчерашниот инцидент се здобил со повреди по што бил пренесен во Градската општа болница „8-ми Септември“ каде му е укажана медицинска помош. Со оглед дека чуствувал болки на телото, препишана му е соодветна медицинска терапија кој од денеска редовно ја прима, стои во соопштението.

Од таму додаваат дека притворените не навеле други забелешки кои се во надлежност на судот. Но и покрај тоа Основниот суд Скопје 1 – Скопје и препорачал на управата на Установата да ги преземе сите мерки за расчистување на случајот и да направи ревизија на распоредите за прошетки на свеж воздух на притворените лица за во иднина Јанакиески и Ристовски да не може да се сретнат со тепачите во дворот на Затворот.

– Судот ќе се обрати до Управата за извршување санкци со барање да изврши анализа и да предложи други Казнено поправни установи во земјата кои имаат соодветни услови за одредени притвореници кои сметаат дека не се безбедни во Затворот – Скопје, да се префлрат во тие установи се до истек, промена или укинување на определната мерка притвор. Со почит Основен суд Скопје 1 – Скопје, стои во соопштението.