Кривичен: Обвинителството сообраќајката кај „Млечен“ ја третира како небрежност, судот не може да смени квалификација

155

Кривичниот суд денеска преку соопштение објави дека нема да ја коментира првостепената, неправосилна пресуда за сообраќајната несреќа кај „Млечен“ со цел, како што се наведува, да не ѝ наштети на евентуалната жалбена постапка, на која имаат право незадоволните страни.

Но, во соопштението Судот ги коментира мислењата во јавноста од, како што се наведува, „одредени субјекти“, нарекувајќи ги целосно неетички и злоупотреба на првостепена, неправосилна пресуда која во иднина може да биде преиначена во делот на казната. Од судот сметаат дека секаков коментар од нивна страна на пресуда на судија поединец, кој е независен во своето постапување, е непрофесионално и незаконски.

Но, во продолжение на соопштението, судот, во интерес на јавноста и за транспарентно и отчетно работење, објаснува како течел процесот за овој случај.

„Според фактите изнесени на јавна расправа, станува збор за кривично-правен предмет за кој јавниот обвинител утврдил дека постојат сомневања за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот по чл. 300 ст.4 вв со чл. 297 ст. 3 в.в. со ст. 1, односно сторено од небрежност, а не со умисла. На главната  расправа 63-годишниот обвинет В.Ч. ја признал вината, а Судот, поради тоа, не навлегувајќи во утврдување на фактичката состојба и врз основа на сите олеснителни и отежнителни околности, изрекол осудителна пресуда.  Притоа, оштетените биле присутни при изведување на завршните зборови и изрекување на пресудата“, се вели во соопштението од Кривичниот суд.

Притоа, се укажува дека судот постапува по обвинителни предлози и акти доставени од истрага и квалификација која ја води и утврдува јавниот обвинител и носи пресуди во рамки на пропишаните казни во Кривичниот законик, притоа водејќи сметка на сите околности и судот во ваков случај не може да смени или преквалифкува кривично дело ниту, пак, може да излезе од рамките на пропишаната казна.

На крајот, на незадоволните им се укажува дека можат да ги искористат сите правни механизми за да ја оспорат пресудата, додека на експертската и стручната јавноста, од Кривичен им порачуваат „наместо коментари и квалификации на првостепена, неправосилна пресуда, потребно е да се осврнат на одредбите од Кривичниот законик и висината на пропишаните казни со кои се регулира оваа проблематика“.

Основното јавно обвинителство-Скопје денеска соопшти дека ќе вложи жалба до Апелацискиот суд во Скопје за пресудата за сообраќајката во која загина Гоце Димитриевски, а неговата сопруга Наташа беше со тешки телесни повреди и од ударот го изгуби и своето неродено бебе.

Од ОЈО-Скопје велат дека повторно го анализирале случајот, по реакциите на оштетената и јавноста, и одлучиле да поднесат жалба до Апелацискиот суд откако ќе ја добијат пресудата на писмено од Основниот суд Скопје.

Димитриевска денеска ја поднесе најавуваната претставка до Судскиот совет за судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ, која во петокот досуди условна казна за обвинетиот Васил Чорбаџиев.

Таа денеска рече дека не само судијката, туку и обвинителката што го водела случајот била пристрасна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.