Кривична пријава за директорката на Домот за стари лица во Неготин поради ширење на епидемијата

75

По апсењето на директорот на Геронтолошкиот центар во Ниш, каде од коронавирусот починаа 45 лица, кривична пријава доби и директорката на Домот за стари лица во Неготин поради ширење на епидемијата.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, полиција по налог на надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против 30-годишна жена која е осомничена дека придонела за ширење на заразата во Домот за стари лица „Радост“ во Неготин.

Таа е осомничена дека извршила тешко кривично дело против здравјето на луѓето.

Во соопштението на Управата на полицијата во Бор се наведува дека таа како одговорно лице во Домот за стари лица е осомничена поради тоа што примила нови штитеници без претходна медицинска проверка, што довело до ширење на Ковид-19 меѓу штитениците и вработените во установата.

Во Домот за стари лица „Радост“ во Неготин во кој се сместени штитеници на возраст од над 75 години, заразени се 53 лица – 38 штитеници, 13 вработени и двајца припадници на српските вооружени сили, кои биле ангажирани во обезбедувањето на овој објект од 30 март.

Досега починаа пет штитеници на Домот „Радост“, тројца во здравствените установи во Ниш и двајца во Неготин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.