Кривична пријава против лице кое криумчарело мигранти

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против лицето С.С. (33) македонски државјанин, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело “криумчарење мигранти“ предвидено и казниво по член 418-б став 4 вв ст.2 од КЗ на РМ.

Според документираните сознанија од истрагата на 10/11 февруари годинава, во организација на НН лице, а со цел стекнување на противправна имотна корист, за одреден паричен надомест прииавениот извршил прифаќање на девет илегални мигранти (од кои едно дете), кои од Грција илегално влегле на територијата на Р.Македонија. Истите требало да се транспортираат од подрачјето на Гевгелија до кумановскиот регион.

По прифаќањето на мигрантите, на патниот правец Гевгелија – Неготино, од страна на мобилен тим на Царинската управа бил направен обид за запирање и контролирање на возилото под сомнение дека во возилото се превезува нелегална стока, при што С.С. ги игнорирал наредбите за запирање на возилото и продолжил да се движи во правец на Неготино. Во близина на Градско, пријавениот со возилото го напуштил автопатот Гевгелија – Скопје и со голема брзина продолжил да се движи по стариот пат Градско – Велес. Од страна на мобилниот тим на Царинската управа биле известени ДОЦ на Царинската управа и ДОЦ на МВР.
По кратко време во близина на Велес, кај м.в.Зенуле, С.С. застанал, го напуштил возилото и се дал во бегство, додека возилото и мигрантите биле пронајдени на лице место. По дополнително преземени мерки и активности за идентификување на лице, извршени консултации со Јавниот Обвинител и по издадена Наредба за приведување на лице, од страна на Судијата на претходна постапка, тој е идентификуван и пронајден а по приведувањето С.С. е предаден на Судијата на претходна постапка. Од страна на Судија на претходна постапка, на С.С. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.