Кривични пријави за три лица кои превезувале сириски мигранти

Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривична пријава против С.П.(41) и Т.П.(21), двајцата од Гостивар, со место на живеење во Гевгелија, и Г.Ф.(42) од Свети Николе, поради основано сомнение за криумчарење мигранти.

Пријавените биле организирани во група и заедно го извршувале кривичното дело во соработка со уште две лица за кои од МВР претходно е поднесена кривична пријава.

Како што соопшти полицијата, на 5 април годинава, во еден часот по полноќ, на автопатот Велес – Скопје кај село Катланово, полициски службеници запреле две возила, „Фиат Темра“ сопственост на Т.П., а управувано од лице од Гевгелија претходно пријавено, и „Опел караван“ управуван од другото лице кое исто така е пријавено претходно. При извршен преглед, во возилата се пронајдени 16 илегални мигранти од Сирија.

Од разговорот со лицата кои ги управувале двете возила е констатирано дека тие најпрво се договориле со С.П. да превезуваат мигранти од Гевгелија до Куманово, а за успешно завршената работа да добијат паричен надомест од по 500 евра. Утврдено е и дека еден од возачите бил во роднински врски со Г.Ф.. Нему му било понудено заедно со првопријавениот да се приклучи со неговото возило марка „фолксфаген шаран“ како претходница, односно чистач на двете возила за сума од 200 евра.

Првопријавеното лице подолго време се занимавало со криумчарење мигранти, неговата улога заедно со второпријавената која е негова ќерка, била да им обезбедува возила, пари за гориво и патарини на возачите кои ги превезуваат мигрантите за да стекнат имотно правна корист. Улогата на второпријавеното лице била да остварува контакт со непознато лице од Авганистан, кој работел во пограничниот реон со Грција во близина на граничниот премин Богородица кој овозможувал илегално префрлување на мигрантите од Грција во Македонија и го договарале времето и местото каде треба да бидат донесени.

Судија по претходна постапка на првопријавениот  и третопријавениот им изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена, додека на второпријавената и е изречена мерка претпазливост – привремено и е одземена патната исправа.