Кривична пријава за директорот на прилепскиот затвор

807

Директорот на Казнено-поправната установа Затвор Прилеп, С.Р. (53) добил кривична пријава бидејќи затвореници ангажирани на работа во фирми не оделе на работа, а осомничениот не бележел колку километри поминува со службеното возило и самиот спроведувал осуденици во затворот „Идризово“.

Надворешната канцеларијa за криминалистички работи Прилеп до Основното јавно обвинителство Прилеп, поднесе кривична пријава против С.Р. (53) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.

Според полицијата, С.Р. со повреда на законските прописи за совесно постапување при вршење на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор како и на друг начин со несовесно постапување во вршење на своите овластувања и должности, прибавил за себе и други одредена корист.

По добиена согласност за работно ангажирање на осудени лица, склучени биле писмени Договори за работа помеѓу Затвор Прилеп и фирма од Прилеп. За потребите на фирмата, затворот се обврзал да му праќа три осудени лица кои ќе извршуваат работни задачи со утврден надоместок, утврдено работно време секој работен ден, почнувајќи од 21.03.2018 година. Контрола на работното ангажирање на осудените лица била должна да врши Комисија од три члена формирана од директорот и најмалку еднаш неделно, а по проценка и повеќе пати. Од извештаите за извршени контроли во месеците април и мај 2018 година било заведено дека една контрола била извршена во април, а четири во мај и секогаш била констатирана уредна состојба. Тоа отворило простор за можни злоупотреби од страна на ангажираните осудени лица во фирмата и по насока на Јавен обвинител, полициски службеници од ПС Прилеп на 11.06.2018 година извршиле контрола и констатирале дека лицата осуденици кои тој ден требало да се јават на работа во фирмата, не биле затекнати на работните места т.е. не се наоѓале во кругот на фирмата.
На овој начин директорот постапил спротивно на Упатство за условите, начинот, и постапката за работно ангажирање на осудено лице надвор од установата, донесено од страна на Управата за извршување на санкции од 2011 година.

Покрај ова, осомничениот не се придржувал кон Договорот за јавна набавка на стоки- течно гориво со фирма од Прилеп. Во периодот од февруари, март, април и мај 2018 година, иако редовно доставувал извештај за полнење на гориво во службеното возило– референтот за возниот парк во Затворот го внесувал само горивото од причина што во испратниците не бил внесуван податок за поминати километри. Врз основа на договорот, пријавениот бил должен да го впишува податокот за поминати километри. За користењето на возилото пријавениот не изготвувал соодветни патни налози.

Од МВР информираат и дека С.Р. несовесно постапувал и по Законот за извршување на санкции. Наместо службата за обезбедување- Сектор за обезбедување, лично тој и книговодителот со две службени возила од кои едното нерегистрирано, извршиле спровод на седум осудени лица до Казнено-поправната установа Затвор Скопје.

Од страна на пријавениот биле презентирани само два меморандуми за соработка – еден со приватна фирма и еден со Јавната установа Детска Иднина, но во Книга за рапорт биле внесени податоци за работно ангажирање на осудени лица и во општина Прилеп. Од извршените проверки од страна на полициските службеници, упатените осудени лица во општина Прилеп не биле затекнати на работните места.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.