Кривична пријава за Маријан Цветковски директорот на јавниот радиодифузен сервис

Управата за финансиска полиција соопшти дека поднесе кривична пријава против службеното лице, М.Ц, директор на јавното радиодифузно препријатие, ЈРП.

Според пријавата, утврдено било дека тој во 2015 година ја злоупoтребил својата службена положба и овластување и склучил договор за кредит со една комерцијална банка, во износ од 140 милиони денари (околу 2 милиони евра) при што го заложил целокупниот движен и недвижен имот во сопственост на МРТ, кој е во вкупна вредност од 294.459,822 денари, односно, имот што има повисока вредност од земениот кредит.

Тоа го сторил, како што соопшти Управата за финансиска полиција на прес конференцијата, без да побара согласност од Собранието, кое е основач и сопственик на ЈРП, што е спротивно на Законот за јавни претпријатија и на штета на јавното претпријатие.

Второпријавената во овој случај е нотарката З.П, која ја злоупотребила својата положба и ги заверила документите за залог на вкупниот движен и недвижен имот на ЈРП Скопје, без да побара согласност од основачот, Собранието. Тоа е во спротивност на Законот за нотаријат. Таа со ова и’ нанела штета на ЈРП во износ од 155 милиони денари.

Дел од добиениот кредит, М.Ц. го искористил за подмирување на достасани обврски кон банката, односно кон доверителот, БЕГ Снабдување ДООЕЛ Скопје.

Втората кривична пријава за гонење на организиран криминал и корупција е за В.М, претседател на УО на ТЕ-ТО АД Скопје, кој во текот 2018 година, го пречекорил своето службено овластување, бидејќи без дозвола поднел барање за стечај за реорганизација на компанијата и со тоа нанел штета на Топлификација АД Скопје од над 721 милион денари, соопшти Управата за финансиска полиција.

Третата кривична пријава е поднесена за вршителот на должност, директорот на Институтот за јавно здравје, со тоа што од 2010 до 2017 не преземал мерки за наплата на побарувањата по основ на извршени услуги и фактури. Со тоа, директорот овозможил да застарат долговите во износ од речиси 41 милиони денари.