Кривична за педофилот што се обиде да се самозапали

Уште една кривична пријава е поднесена за осудениот педофил во Битола кој се обиде да се самозапали и со автомобил удри во зградата на Кривичниот суд. Н.М. (66) од Битола овој пат се товари за сторено кривично дело „Предизвикување општа опасност“.

Од СВР-Битола информираат дека на 20 јуни, околу 03:10 часот, пријавениот Н.М., револтиран затоа што истиот ден требало да оди на извршување казна од 10 години и 6 месеци, влегол во сопственото возило Ауди-А 4 со битолски регистарски ознаки и сторил кривично дело „Предизвикување општа опасност“.

Пријавениот Н.М. во своето возило претходно ставил две туби со запаллива течност, две мали плински боци, и една голема плинска боца од 25 литри, која ја ставил во багажникот со претходно отворен вентил и со возилото од својот дом се упатил по Булевар „1 Мај“ во Битола во спротивна насока од дозволената. Пријавениот на непознат начин се самозапалил и со голема брзина се упатил кон влезот на Основен суд, ја преминал високата банкина и удрил во десниот столб покрај самиот влез на Судот, каде предизвикал силен пламен кој целосно го уништил возилото. Од пламенот на пријавениот му се нанесени тешки изгореници по горниот дел од телото и главата, а воедно предизвикал опасност, пожарот да го зафати и самиот објект и лицата кои биле присутни во тој момент во објектот, истакна Сања Стаматова, портпарол на СВР-Битола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.