Кривична за Рашковски за тендерот во МНАВ

Кривична пријава против генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, како и докази за негова наводна вмешаност во местење на тендер за опрема за „Македонска Навигација“ (МНАВ) поднесе ВМРО ДПМНЕ до Јавното обвинителство.  Заедно со пријавата доставени се и материјали докази за инволвираноста на Рашковски во тендерот вреден седум милиони евра.

„Информациите кои излегоа во медиумите укажуваат дека Рашковски доделува тендер на италијанската компанија Леонардо за набавка на систем за управување со  воздушниот простор  во вредност од 7 милиони евра,  иако важноста на тендерската документација е истечена, спротивно на заклучокот на владата, како и во спротивност со одредени законски решенија, за кои како што се вели во снимките требало да бидат сменети. Постојат сериозни индиции дека Рашковски сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 според кое му  се заканува казна затвор од најмалку 5 години“, вели Иванка Василевска, член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ која ја достави пријавата до Јавното обвинителство.

Опозицијата побара Обвинителството по допрен глас да ги истражи и сомневањата дека Рашковски бил вклучен во наводни местења на тендери и во Министерството за здравство.

Според Василевска, на Рашковски треба да му биде определен и притвор поради можноста да побегне од државата, да влијае на сведоците, но и да го повтори делото.

„Очигледно е дека случајот  Рашковски добива нови и досега невидени размери. Токму затоа Јавното обвинителство треба веднаш да се позанимава со овој функционер, десна рака на Заев и да ги истражи како овие, така и други случаи во кои е вмешан Рашковски. ВМРО-ДПМНЕ   му ги поднесе денес материјал на Републичкиот Јавен обвинител, и доколку тој не ги има видено од медиумите, може да биде запознаен со случајот  денес“, вели Василевска.

Во петокот во медиумите се објави аудио снимка и транскрипт од разговор за којшто се тврди дека учествува Рашковски и други лица вклучени во спроведување на тендерот. Според разговорот, генералниот секретар и останатите бараат начин како да се заобиколи одлуката на Влада за повторување на тендерската постапка и договорот да се додели на италијанската фирма Леонардо.

Спасовски: На затворена владина седница е разговарано за МНАВ

Прашан дали постои службена белешка со која што се задолжува генералниот секретар Рашковски да се вклучи во спроведување на тендерот за МНАВ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека не знае за постоење на таква белешка, но вели на последната владина седница се разговарале состојбите во Македонска Навигација.

„Знам дека на последната седница на Влада разговаравме во делот на извештајот за инцидентот што се случил во Македонската навигација.  Донесени се соодветни заклучоци по кои треба да се постапува и во рамки на тоа сите овие прашања треба да се расчистат и благовремено да се информираат“, појасни Спасовски.

СДСМ обвинува за саботажа на тендерот

Откако издиша лажната вест смислена од кујните на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, и се покажа дека нема никаков скандал со местење тендер се отворија низа прашања на кои токму ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски треба да одговорат, вели портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

„Каква е врската меѓу Јанакиески, Мисајловски, Јанушев и Климент – дали овој разговор се објавува за да ги покрие криминалите на Јанушев и Јанакиески?  Дали некој намерно не се потпишувал договорот, свесно загрозувајќи ја безбедноста, само во обид да предизвика проблем на сегашната Влада? Зошто три дена после состанокот од кој потекнува и снимениот разговор Климент Чепуњовски заминал на пат за Русија? Овие и други прашања ќе треба засегнатите да одговорат пред јавноста но и пред судските органи“, праша денеска портпаролот на СДСМ.