Кривична за Талевски за малверзации со масло за греење за Општина Битола

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талевски поради наводна малверзација со масло за греење за Општина Битола, информираше МВР.

СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Талевски поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и против С.Б. (59), М.К. (66) и С.П. (55), сите од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Според полицијата, Талевски како градоначалник на Општина Битола, во период од 25.10.2012 до 19.12.2012 година, без да потпише анекс договор со две фирми, дозволил од нив да се изврши набавка на масло за греење. Тој ја дозволил набавката по завршување на договорот што го имала склучено општината со една од фирмите за јавна набавка на екстра лесно масло за греење. Исто така, на 27.12.2016 година, повикувајќи се на стар договор со истата фирма со важност до 01.12.2016 година, без да биде потпишан анекс договор, дозволил да се изврши набавка на уште 9.324 литри масло за греење од истото правно лице.

Од истрагата било утврдено дека С.Б. како претседател, а М.К. и С.П. како членови на општинската комисија за јавни набавки во во постапка за набавка на екстра лесно масло за греење, на 17.12.2012 година, донеле одлука за најповолен понудувач за фирма која не поседувала лиценца од Регулаторна комисија на Република Македонија за трговија со сурова нафта, нафтени деривати, био гориво и горива за транспорт.
Врз основа на таа одлука првопријавениот донел одлука за избор и потпишал договор со фирмата и и овозможил да се стекне со противправна имотна корист. Со ваквите дејствија пријавенитe им овозможиле на двете фирми да се стекнат со противправна имотна корист од 44.870.702 или 729.604 евра.