Кривичниот суд во рок од пет дена ќе се изјасни по пристигнатите барања за помилување

Пристигнати се барањата за помилувањето, содржано во неодамна усвоениот Закон за амнестија. Кривичниот суд во Скопје ќе се изјасни по нив во рок од 5 дена, одлуките ќе бидат доставени до Министерството за правда. Околу 800 затвореници ќе бидат ослободени…

 Кривичните совети од скопска единица, решаваат по пристигнатите барања за амнестија. Од таму информираат дека по стапувањето на сила на Законот за амнестија, во петокот, во Кривичниот суд стасале 100-тина барања од затворите. По нив се постапува според новото законско решение.
Околу 800 затвореници излегуваат на слобода, а на 3.097, казна им се намалува за 30 проценти. Формирани се повеќе кривични совети за да се запази рокот од пет дена во кој треба да се решат барањата.

Според постапката, судот треба да ги испрати одлуките до Министерството за правда, а оттаму до Управата за извршување на санкции, по што амнестираните ќе бидат пуштени на слобода.

Со актот, Кривичниот суд треба да утврди дека некое осудено лице ги исполнува условите за амнестија, информираше претседателот на скопска единица, Џолев. Според проценките, до судот треба да пристигнат 1.500 предмети, од кои 500 се за целосна амнестија, а другите се за делумна.

Законот за Амнестија беше донесен на 15-ти јануари. Според Владата, која го предложи решението, ќе се заштедат буџетски средства кои би се искористиле за подобрување на условите во казнено- поправните домови, потребите од севкупни реформи во правосудниот систем, како и подобрување на ресоцијализација на затворениците.

Нема да се амнестираат лица осудени на доживотен затвор, за тешки кривични дела и оние што се бараат со потерница.