Криза на производството на компири во ЕУ поради екстремно лошите временски услови

Европската индустрија за компири е во криза поради екстремните временски услови. Минатата година беше втора најтопла досега во Европа. Екстремната суша доведе до драматичен пад на вкупното производство на оваа култура, пишува Agriland.

Проценките покажуваат дека бербата во Северна Европа, Обединетото Кралство и Ирска била околу два милиони тони помалку од вообичаеното. Тоа е околу една третина од вкупното производство на компири во Обединетото Кралство и Ирска, а дистрибутерите и преработувачите сега се обидуваат да ги снабдуваат клиентите од залихите кои брзо се намалуваат. Резултатот е драматично зголемување на цените, особено во преработувачкиот сектор.

Ангус Вилсон, претседател на Wilson’s Country Potatoes, водечка компанија за пакување и преработка, рече дека големи количини биле извезени во европските земји, особено во последните неколку месеци.

Минатата година производството се карактеризираше со високи влезни трошоци, особено складирањето поради поскапувањето на енергенсите. Залихите никогаш не биле пониски. Лошите временски услови продолжија и во 2023 година.

Садењето беше одложено поради неодамнешните поплави во Италија и поголемиот дел од Јужна Европа. Сеидбата во Ирска доцнеше поради студеното време.
Се очекува значителен пад на приносите.

Прогнозите не се ветувачки, а велат дека ќе има недостиг од овој зеленчук во Европа. Вилсон верува дека овој проблем ќе се пренесе и во 2024 година.

Тој нагласува дека цената на компирот е значително зголемена во последните неколку месеци и продолжува да се зголемува, особено за специјализираните сорти за преработка и сечење. Побарувачката за компири и производи повторно расте, но индустријата нема да може да ја задоволи побарувачката во следните 12 месеци поради екстремните услови во Европа во последните две сезони.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.