КРИЗА ВО ВЛАДИНАТА КОАЛИЦИЈА: Заев до Ахмети: Ту мач е!

Oд кого и да е, ту мач е, вели премиерот Зоран Заев коментирајќи ја одлуката на пратеничката група на ДУИ да поднесе дури 5.000 амандмани за предложените измени на Изборниот законик. Овие измени за воведување една изборна единица и отворени кандидатски листи ги поднесоа група пратеници откако претходно добија отворена поддршка од Заев.

Заев смета дека Али Ахмети со оваа постапка му испраќа сериозна порака нему и на владината коалиција и најавува дека во СДСМ сериозно ќе се разгледуваат последните случувања.

„Кога ВМРО-ДПМНЕ поднесува 9.000, а ДУИ 5.000 (амандмани), и можат да блокираат одреден процес. Тие имаат деловничко право на тоа. Ние ќе продолжиме да се бориме, но не знам колку ќе успееме. Се надевам дека ќе има мнозинство за да ги донесеме тие одлуки. Ако пак мнозинството реши поинаку, ќе биде спречена една изборна единица, но тоа е демократијата и убавината на демократијата. Во духот на демократијата сме различни, ние сме за една изборна единица, а нашиот коалициски партнер е против, и може да остави ВМРО-ДПМНЕ да го блокира. Сепак, 5.000 амандмани праќаат лоша порака. Кој и да е, тоа е премногу“, изјави Заев.

Дебатата што се развива, според него, веќе е изборна кампања, но како што вели, тие се должни да ги разгледаат сериозните пораки што се испраќаат.

Заев и вчера посочи дека одлуката на ДУИ да постапува спротивно од ставовите на СДСМ во однос на промените на Изборниот законик е прво сериозно разидување меѓу владините коалициски партнери. Пратеникот на ДУИ, Артан Груби вчера образложи дека амандманите се поднесени со цел да се спречи еднострано менување на изборниот модел на само неколку месеци пред избори. Во ДУИ сметаат дека таквата постапка би ја отворила Пандорината кутија и би преставувала опасен преседан.

Инаку, собраниските служби и денеска продолжија да ги обработуваат поднесените амандмани. Досега се архивирани нешто над 1.200. дополнително амандманите од интегративците ќе треба и да се преведуваат бидејќи до претседателот на Собранието се поднесени само на албанските јазик. Со ова дополнително се одолговлекува собраниската процедура за поднесени измени на Изборниот законик, кој речиси извесно нема да заврши до распуштањето на Собранието.