Светот снемува кафе заради локдаунот во градот Хо Ши Мин во Виетнам, кој е најголем производител на робуста, горчливиот „грав“ од кој се прават инстант-кафињата и некои типови на еспресо, пишува Би-Би-Си. И додека извозниците го убедуваат Виетнам да го трне целосното затворање и да ги пушти бродовите кон Европа, цената на робустата се зголеми за скоро 50 отсто само оваа година.
Хо Ши Мин е најголемиот град во југоисточна Азија. Кога Центарот за извоз во овој град е во локдаун, снемуваат контејнери за превоз на кафето, се зголемуваат трошоците за товарењето на стоката и економијата запира. Затоа, минатата недела виетнамскиот министер за транспорт им нареди на регионалните власти во јужниот дел од земјата да ги ублажат овие оптоварувања.
И како да не е доволно што се погодени еспресото и инстант-кафињата, изгледа дека годинава страдаат и арабика-кафињата, или по нашки, „турското кафе“. Неговите арабика зрна беа погодени од мраз, но и од суша во земјата во којашто најмногу се одгледуваат и извезуваат – Бразил.
Според извештаите, штетата од мразовите во Бразил била толку голема што некои земјоделци на кафе можеби ќе треба одново да ги засадат дрвјата, што може да значи дека ќе им требаат до три години за да го продолжат производството.