Јасно е дека кризата со електричната енергија останува и натаму (цената на струјата денеска, 3.5.2022 г., е 218,5 евра), а се приближуваат, односно се подјадуваат деновите до почетокот на новата грејна сезона. Оттаму, Стопанската комора на Северна Македонија дефинира дека мора да се дејствува во неколку правци.
Пево, да се зголеми домашното производство на електрична енергија. За таа цел СКМ предлага да се размисли за докапитализација на АД „ЕСМ“ преку издавање државни обврзници или акции на домашни физички и правни лица за прибирање соодветни финансиски средства. Тие би се користеле исклучиво за изградба на нови капацитети за производство на струја и под строг надзор на државата. На тој начин целокупното општество ќе биде заинтересирано за успешно работење на овие производствени капацитети и би го придвижило и пазарот на средства кои сега едноставно се чуваат во банките или се трошат за купување недвижности, особено станови во Скопје (што може да се забележи од најновиот попис), во услови кога не постои квалитетна берза во земјава или други видови финансиски пазари, стои во соопштението на СКСМ.
Второ, Комората предлага изградба на други енергетски објекти во соработка со ЕСМ, ЕВН и со стопанствениците, преку соодветни удели, и изградба на поголеми енергетски постројки – надградба во комбинирана гасна електрана во „Неготино“ и во „Осломеј“; постепена замена на термоелектраните во Битола со гасни електрани во комбиниран циклус; изградба барем на една пумпно-реверзибилна електрана од 100 до 120 MW за да може да се складираат евентуални вишоци на произведена електрична енергија преку пумпање вода од долниот во горниот воден резервоар; изградба на проточни хидроелектрани на Вардар, ХЕЦ „Бошков Мост“, Брана „Луково Поле“ и сл.
Трето, инвестирање во фотоволтаици за сопствени потреби на компаниите. На тој начин се избегнуваат проблеми од типот на може или не може да се направи приклучок кон дистрибутивната мрежа; се избегнува договор со дистрибутерот кој треба да ја купува енергијата и притисоци околу цените во еден и во друг правец – од дистрибутерот спрема компанијата и обратно и од производителот на електрична енергија од ФВ спрема дистрибутерот.
Понатаму, се предлага субвенционирање во дел од трошоците за струја за компаниите кои произведуваат стратешки производи – производители на основни прехранбени производи, но и субвенционирање на другиот дел од индустријата.
„Во март 2021 г. компаниите плаќаа 60 евра/MWh, а оваа година во март – 280 евра/MWh. Трошокот за струја е зголемен за 4,5-пати. Во регионот во овој момент Македонија, Косово и Албанија се целосно оставени на отворен пазар. Србија до јули гарантира 75 евра/MWh, во Босна цената на струјата е 69 евра/MWh, Грција прави субвенција на индустријата од 130 евра /MWh, а Бугарија има варијабилна формула, која може да оди до 120 евра /MWh субвенции, така што македонското стопанство станува неконкурентно, а тоа порано или подоцна ќе се одрази сериозно врз нивното натамошно работење“, информираат од Комората и се додава дека, секој следен ден загубите на компаниите ќе бидат сѐ поголеми ако во меѓувреме не се преземе нешто.
„Минатата недела некако срамежливо до мене стигнаа информации дека надлежниот Директорат за добрососедство при Европската комисија дава налог сите сили на Директоратот да се насочат спрема земјите на Источното партнерство, иако истиот тој Директорат е надлежен и за Западен Балкан. Источното партнерство е синоним за соработката со три земји – Украина, Молдавија и Грузија. Едноставно и просто, тие земји сега се ставаат на брзиот воз кој се движи кон Брисел. Мислам дека ако ова и се оствари, разочарувањето на Западен Балкан кон Европската Унија ќе биде огромно. Исто така, морам да укажам и на непрофесионалниот однос на еврокомесарот Вархеји, кој, иако уредно поканет и со прифатена покана од него, како учесник на состанокот на Бизнис-советот на Коморскиот инвестициски форум (28.4.2022 г.), во последен момент нѐ извести дека од неопходни причини на Балканот нема да присуствува на средбата. Многу е несериозно едно толку високо позиционирано лице во Европската Унија по вторпат да прави грешки кои оставаат траги во нашата меѓусебна соработка. За појаснување, Бизнис Советот во Статутот на КИФ е најрепрезентативното тело, кое врши контрола врз работењето и врз примената на проектите кои се врзани за Коморскиот инвестициски форум“, изјави претседателот на СКСМ, Бранко Азески.