Кризата затвори илјадници продавници во Грција

Од 2010 до 2013 година во Грција се затворени повеќе од 3.500 малопродажни продавници за храна, покажа истражување што го спроведе меѓународниот институт ИРИ, пренесува МИА.

Кризата најмногу ги погоди традиционалните продавници како што се независни месарници, бакалниците и мини маркетите, кои не можат да понудат исти попусти како големите синџири на супермаркети.

И додека некои синџири, исто така отидоа под стечај, силните се уште го земаат уделот на пазарот кој го оставија традиционалните продавници. Податоците од истражувањето на ИРИ покажуваат дека додека во 2010 година во Грција имало 16.207 мали продавници за храна, овој број се намалил на 12.547 во 2013 година, што значи дека 3.660 или една петина затвориле.

Економската криза ја забрза концентрација во маркетите од големите синџири. Трендот на купување свежо месо, зеленчук и риба од супермаркетите, а не од локалните продавници, претежно за да се заштеди време, многу зајакна за време на кризата. Овој пат главниот мотив се пониските цени кои супермаркетите беа во можност да понудат.

Трендот на концентрација на се под еден покрив ги врати хипермаркетите во мода, односно продавници кои покриваат површина од над 2.500 метри квадратни, соопшти ИРИ. Во 2013 година нивниот број се зголеми на 58 од 56 во 2012 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.