Крос заинтересиран за преселба на Олд Трафорд

Репрезентативецот на Германија и фудбалер на актуелниот светски и европски клупски шампион, Баерн (М), Тони Крос, не ја негираше сензационалната информација дека е можно за време на зимскиот преоден рок да се пресели во редовите на најтрофејниот клуб во англиската Премиер лига, Манчестер Јунајтед.

“Не сум во состојба да ја негирам секоја информација или да ја отфрлам секоја опција која ја имам на располагање. Имам договор со Баерн (М) и можам да потврдам дека во овој момент нема договорено некаков состанок со некој друг клуб. Јас целосно сум фокусиран на пролетниот дел од актуелната сезона. Има и полоши ситуации во животот. Играм за голем клуб, ме тренира фантастичен тренер и јас сум многу среќен во Минхен. Можно е да донесам некоја одлука во блиската или далечната иднина”, изјави одличниот играч за врска.

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Дејвид Мојес пред неколку дена во живо го следеше првенствениот натпревар помеѓу Борусија од Менхенгладбах и Баерн (М), а англиските медиму се убедени дека англискиот клуб до крајот на зимскиот преоден рок ќе испрати официјална понуда не помала од 25 мил. евра.