Кршеле чаши и шишиња, па го истепале сопственикот на кафеаната

Петмина завршиле во болница откако биле претепани од пијани гости, ноќеска во кафеана во скопското село Кучково, информираше МВР.

Инцидентот се случил околу 1 часот кога гостите на една од масите почнале да кршат чаши и шишиња, а на вработените им кажале дека ќе ја подмират штетата што ќе ја направеле. На тоа реагирал сопственикот А.Т.(25) од Скопје, кој им кажал дека работното време завршува за 20 минути и дека треба да платат и да го напуштат објектот. Тие се нашле навредени па прво со чаши и пепелници почнале да фрлаат кон газдата, а потоа и го нападнале. Во одбрана на А.Т. дошле В.М.(21), М.К.(20), П.М.(29) и В.А.(26) сите од Скопје, но насилниците почнале и нив да ги гаѓаат со шишиња и други предмети. Кога им снемало предмети за фрлање почнае и нив да ги тепаат, по што избегале.

Нападнатите со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“, а полицијата околу 2.15 часот привела шест лица осомничени за тепањето.

Станува збор за М.М.(26), И.Ј.(41), С.К.(30), М.З. (34) и Н.С.(20) сите од село Кисела Јабука, како и Д.Б.(22) од Волково. Полицијата по целосното расчистување и документирање на случајот против осомничените ќе поднесе кривични пријави.