Круната на свети Едвард ќе биде прилагодена за кралот Чaрлс Трети

Круната на свети Едвард е земена од ризницата во Лондонската кула за да биде прилагодена за британскиот крал Чарлс Трети во пресрет на неговото крунисување, објави Бакингемскиот дворец.

Во соопштението од саботата Бакингемскиот дворец наведува дека историските скапоцени камења од круната се отстранети за да може таа да биде прилагодена пред церемонијата на крунисувањето, која како што беше објавено претходно годинава ќе се одржи на 6-ти мај 2023 година.

Преместувањето на непроценливата круна било држено во тајност сѐ додека не била безбедно доставена кај јувелирите.

Се смета дека верзии на круната на свети Едвард се користат за крунисување на британските и англиските монарси од XIII век. Се смета дека оригиналот датира од XI век, кога припаѓал на кралскиот светец Едвард Исповедникот, последниот англосаксонски крал на Англија. Сегашната круна е изработена за кралот Чарлс Втори во 1661 година, како замена за средновековната круна којашто е претопена во 1649 година.

„Круната на свети Едвард, историскиот централен дел од кралските драгоцености, е отстранет од Лондонската кула за да се овозможи почеток на пролагодувањето во пресрет на крунисувањето во сабота, 6-ти мај 2023 година“, се наведува во објавата на Бакингемскиот дворец.

Крунисувањето ќе се одржи во Вестминстерската опатија, осум месеци откако кралот Чарлс Трети стапи на престолот по смртта на неговата мајка кралицата Елизабета Втора.

Се подразбира дека свеченоста ќе ги содржи истите централни елементи на традиционалниот обред, кој задржал слична структура повеќе од илјада години додека истовремено ќе биде земен предвид и духот на сегашното време. Се очекува дека крунисувањето на Чарлс Трети ќе биде помалку димензионирано и дека ќе биде временски покусо, а некои сметаат и дека би можело да трае само еден час.

Се очекува, исто така, дека церемонијта ќе биде повеќе вклучителна отколку минатите церемонии на крунисувањата во Велика Британија, во која има повеќе вери, но секако дека ќе се изведува според обредите на Англиканската црква, при што кралицата сопруга Камила ќе биде крунисана заедно со кралот Чарлс Трети.

Бројот на гостите од 8.000 ќе биде намален на околу 2.000, а од нив ќе се очекува да носат костуми и тоалети наместо церемонијалната облека, а низата ритули, како на пример давањето златни прачки на новиот владетел, ќе бидат укинати.

Соопштението на Бакингемскиот дворец беше објавено откако британскиот дневен весник The Daily Mirror пишуваше дека кралот, поради сѐ повисоките животни трошоци во Велика Британија, планира „помалку скапа“ и помала според обемот церемонија отколку што била свеченоста при крунисувањето на покојната кралица во 1953 година, којашто траела околиу три часа.

Кринусувањето на Елизабете Втора преставувала огромна прослава, кога половина милион луѓе излегле да ја поздрават нејзината поворка на 2-ри јуни 1953 година. И покрај првичната неволност, сега покојната кралица на крајот се согласила телевизиските камери да бидат присутни на чинот во Вестминстерската опатија за да го снимат историскиот настан. Според тогашните процени, само во Британија 27 милиони луѓе го гледало крунисувањето во живо на своите црнобели телевизиски екрани, а било емитувано и во други земји во светот.