Кси Џинпинг порача кинеската армија да се насочи на подготовка за воени дејствија

Кинеската војска треба да се насочи на подготовки за учество во вистински воени дејствија, порача во средата претседателот Кси Џинпинг на конференцијата за национална безбедност и воени реформи во Пекинг.

„Неопходно е совесно да се сумира и примени успешното искуство од реформите, да се надвладее новата ситуација и да се (сфатат) барањата на задачите, да се фокусираме на подготовки за воени дејствија, а исто така да покажеме храброст да истражуваме и воведуваме новитети“, го цитира кинескиот претседател службената новинска агенција Xinhua.

На конференцијата, како што се додава во информацијата, присуствувале високи претставници на Централниот воен совет, на Народната вооружена милиција и од воените академии во Кина. Централниот воен совет, инаку, ги води Народноослободителната армија на Кина и Народната вооружена милиција, претседателот Кси е на неговото чело од 2013 година.

Кинескиот челник притоа ја констатирал неопходноста од стриктно придржување до планот за спроведување на предвидените цели на реформите на кинеските вооружени сили и одбранбената доктрина на земјата.

Пекинг во 2015 година ги објави плановите за реформи со кои ќе биде зголемена ефикасноста на војската. Кинескиот претседател Кси Џинпинг настојува да создаде ултрамодерна армија којашто ќе биде способна, доколку е потребно, да го одбие секој противник. Според него, најважната задача на кинеската армија е зголемувањето на нејзината борбена способност и умешноста да се извојуваат победи.

На почетокот од реформите на кинеската армија беше создаден посебен род Стратешките ракетни сили, кои во моментов со копнените, воздушните, поморските сили и Народната вооружена милиција ги сочинуваат кинеските вооружени сили.

Кинескиот челник уште во неговото обраќање на 19-от Конгрес на Комунистичката партија во 2017 година изјави дека е планирано до 2035 година да заврши модернизацијата на вооружените сили, кои ќе можат да одговорат на предизвиците и барањата на новото време. Како што рече тогаш Кси, до 2050 година кинеската армија треба да има статус на напредна светска сила.