Кси пред средбата со Путин: Истрајно кон новите перспективи за кинеско-руското пријателство

Истрајно одиме кон нови перспективи на пријателството, соработката и заедничкиот развој на Кина и Русија, а Москва и Киев ќе можат да изнајдат рационален излез од кризата во Украина доколку се придржуваат до концептот за сеопшта безбедност, се наведува меѓу другото во авторскиот текст на кинескиот претседател Кси Џинпинг објавен во понеделникот во весникот Российской газеты непосредно пред неговото пристигнување на разговорите со рускиот колега по должност Владимир Путин кој претходно ја поздрави улогата на Пекинг во украинската криза.

Кинескиот претседател од 20-ти до 22-ри март ќе престојува во државна посета на Русија на покана на рускиот претседател. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, рече дека двајцата лидери ќе имаат длабока размена на мислења за билатералните односи и главните меѓународни и регионални прашања од заеднички интерес. Според помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, Путин и Кси Џинпинг особено ќе разговараат за енергетската и воено-техничката соработка меѓу Руската Федерација и Кина, а ќе се осврнат и на конфликтот во Украина. По разговорите во Москва, шефовите на држави ќе потпишат две заеднички изјави, вкупно се планира потпишување на повеќе од 10 документи, рече Ушаков.

„Кина и Русија се најголемите соседи, стратешки партери на сеопфатна соработка, водечки светски сили и постојани членки на Советот за безбедност на ОН. Двете земји водат независна и самостојна надворешна политика, сметајќи го односите меѓу Кина и Русија како едни од главните приоритети во дипломатијата“, пишува Кси.

Кинескиот челник наведува во текстот и дека во изминатите повеќе од 70 години кинеско-руските односи минуваа низ „многу тежок пат“ алудирајќи но не и директно споменувајќи ги заострените односи со краткотраен воени судир кон средината на втората половина од минатиот век. Но навраќајќи се наназад во минатото, пишува во продолжение кинескиот челник, „длабоко сфаќаме дека сегашното ниво на кинеско-руските односи не беше лесно да се постигне и дека незбледнетото пријателство меѓу Кина и Русија треба внимателно да се зачува“. Оценува дека историјата покажала дека во контекстот на глобалните турбуленции кинеско-руските односи „го издржаа тестот“ на издржливост поради „фактот што тргнавме на вистинскиот пат на воспоставување меѓудржавни односи“.

Во продолжени Кси се осврнува на кинескиот предлог за постигнување мир во руско-украинската војна. Пекинг точно на годишнината од почетокот на руската инвазија во Украина претстави мировен план „темелен на интегритетот“ од 12 точки, но тој наиде на скептичност на Западот кој има клучно влијание врз Киев и смета дека украинската страна не треба во моментов да се согласи на примирје и мировни разговори.

„Убеден сме дека рационален излез од украинската криза и пат кон траен мир и сеопшта безбедност во светот ќе биде изнајден доколку сите се водат од концептот на заедничка, сеопфатна, меѓусебна и одржлива безбедност и доколку продолжат со дијалог и консултации на рамноправен, рационален и прагматичен начин“, истакнува кинескиот челник.

Кси притоа нагласува дека од почетокот на минатата година било „забележливо тотално влошување на украинската криза“.

„Кина, врз основа на самата суштина на она што се случува, отсекогаш заземала објективна и непристрасна позиција, вложувајќи активни напори за промовирање на помирувањето и мировните преговори. Сетот визии што ги искажав служат како фундаментален принцип на Кина во украинското решение, особено, се однесува на потребата да се усогласат со целите и принципите на Повелбата на ОН, да се почитуваат легитимните безбедносни грижи на сите држави, да се поддржат сите напори насочени кон мирно решавање на украинската криза и да се обезбеди стабилност на глобалното производство и снабдување синџири“, нагласува Кси.

Според него, претставената „позиција на Кина за политичко решение“, земајќи ги предвид рационалните грижи на сите страни, „максимално го одразува единството на ставовите на светската заедница за надминување на украинската криза“. „Документот служи како конструктивен фактор за неутрализирање на последиците од кризата и промовирање политичко решение. Сложените проблеми немаат едноставни решенија“, додава кинескиот претседател.

Истовремено во кинеските медиуми е објавен авторски текст на рускиот претседател Владимир Путин, во кој ја поздравува подготвеноста на Кина да одигра „конструктивна улога“ во решавањето на украинската криза.

Притоа рускиот челник го нарекува кинескиот претседател „стар добар пријател“ и вели дека Русија многу очекува од посетата на Кси кој во Москва во својство на шеф на државата првпат допатува пред десет години.

„Благодарни сме на кинеската линија на рамнотежа во врска со случувањата во Украина, за разбирањето на нивната заднина и вистинските причини. Ја поздравуваме кинеската подготвеност да одигра конструктивна улога во решавањето на кризата“, вели Путин.

Рускиот претседател, исто така, повторува дека руско-кинеските односи се на „историски највисокото ниво“ и дека ги координираат своите надворешни политики во борбата против заедничките закани“, додека обидите на САД да ги зауздаат и двете земји добил „уште поостар и порешителен карактер“.

Кси и Путин потпишаа во Пекинг сеопфатен партнерски договор „без ограничувања“ неколку седмици поред почетокот на инвазијата во Украина. Кина декларативно е неутрална во врска со војната, отфрлајќи ги притисоците од САД да ја критикува Русија. Но Пекинг остро ги критикуваше западните санкции против Русија и ги потврди своите блиски врски со Москва, вклучително и во сферата на одбраната.