КСС бара да се прекине линчот врз јавната администрација

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, а во врска со дадените изјави/деманти на Министрството за информатичко општество и администрација – МИОА и соодветниот Министер, сметаме за потребно повторно да упатиме соопштение до јавноста, но и да го повикаме Mинистерот и министерството да одговорат на поставените прашања. Имено, многу е лесно да се одговори со терминот ,,лажни вести,, но ние не тврдиме туку прашуваме, а се чини како некој да е затечен во целава ситуација, па почнува да се брани препознавајќи се себеси.

Дали е точно дека вработените на определено време и преку Агенција за вработување треба да добијат откази согласно член 76 став 3 од Законот за работните односи, затоа што во М1/М2 образците во делот на причината за вработување е наведено ,,ПОРАДИ ЗГОЛЕМЕН ОБЕМ НА РАБОТА,, затоа што како велат имало намален обем на работа и администрацијата немала што да работи?

Колку вработени се на тој начин во јавниот сектор и колку ја чинат државата и зашто државата и покрај слабиот буџет се уште ги вработува?

Дали е точно согласно уредбите за одложување на кредитите и извршителите, истите наплаќаат камати за тој период и со тоа нашите долгови ќе се зголемат за одредена сериозна сума?

Дали е точно дека додатоците на плата освен минат труд, работа во смени и за време на празник, надоместок за платен одмор и боледување се стопирани и не се исплаќаат во сите институции кои што го стекнале тоа право согласно одредени закони и колективни договори, и дали тоа е во линија со Уставот, односно дали уредбите се уставни, а делот на плати со надоместоци не се исплатува ???

Се пушта фама и саркастични памфлети дека наводно вработените во јавниот сектор не знаат што да прават со платите и нема каде да ги потрошат, е па нека излезе сега МИОА и нека даде податок колку вработени вкупно во јавниот сектор примаат основна плата од 14.500 денари до 16.500 денари, и нека ни дадат упатство како да ги потрошиме нашите плати.

Нека одговорат кој досега ги реализира уредбите на Владата, одлуките, законите, односно кој е сервис на граѓаните и на приватниот сектор, или пак сметаат дека тоа се именуваните и избраните лица, поставени да менаџираат со јавниот сектор? Ако не знаат како МИОА и Владата треба да се погрижи за тоа, ние тука немаме никаква вина и одговорност.

Бараме да одговорат дали согласно уредбите на Владата, еден голем дел од администрацијата работеше од далечина т.е. од дома каде што дозволува системот на работа, а таму каде што не административците одеа на работа? Ако е лага нека не демантираат!!

Засега толку, а има уште многу прашања што во наредниот период ќе бидат поставени и доколку и ние и јавноста не добие одговор кон одговорните кои изнесуваат изјави дека шириме лажни вести, а не е првпат, ќе следат соодветни судски поднесоци за клевета, па таму ќе одговорат кој шири лажни вести или кој ја крие вистината злоупотребувајќи ја службената должност!!!