КСС: Без почитување на правата на работниците следи социјална криза

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска соопшти дека ги следи предизборните активности, изјави и ветувања на политичките партии и остро се спротивставува на идејата за намалување на јавната администрација преку трансфер или губење на работните места на дел од административците.

„Имајќи ја предвид нашата долгогодишна борба и зложба, како и нашите активности за почитување на законите и колективните договори, кои што во изминатиот период доживеаја груби кршења, нефункционирањето на социјалниот дијалог што треба да биде основниот постулат за меѓусебното почитување и кој што беше одземен од социјалните партнери и употребен за лични или партиски цели, и поради сето ова неможноста за остварување фер дијалог за унапредување на работничките права, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија ги предупредува сите политички чинители во овие избори да ги преиспитаат своите изјави затоа што повторно доаѓаме до конфликт во меѓусебното разбирање и нашите барања“, соопшти КСС.

Оваа КСС, како што се наведува во соопштението, во изминатиот период низ повеќе протести и штрајкови и сега остро се спротивставува на идејата за намалување на јавната администрација преку трансфер или губење на работните места на дел од административците, но очигледно, како што наведуваат, нивниот глас не стигнал до актуелната власт.

„Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, повторно го промовира проектот за 20 отсто помала администрација преку најдискриминирачки модел на губење на работното место на 20 проценти на вработените во јавниот сектор. Многу пати низ одредени официјални состаноци и јавни настапи, како вработени во јавниот сектор, искажавме дека сме против таа идеја, дека таа е крајно дискриминирачка и понудивме свое решение низ фер и инклузивен пристап за долгорочно намалување на вработените во јавниот сектор кој што ќе биде фер и транспарентен и без да се губат работни места за работниците кои што чесно и вредно си го заработуваат своето парче леб, почитувајќи ги законите“, се наведува во соопштението на КСС.

Синдикатите предупредува дека доколку не се смени реториката, односот кон социјалните партнери и социјалниот дијалог, доколку не се почитуваат работниците, нашата држава ќе биде единствената што по оваа здравствена и економска криза ќе влезе во социјална криза.

„Го повикуваме раководството на СДСМ да излезе со реална понуда и со вградување на реалните и просперитетни барања на КСС, затоа што се само во насока на вистински реформи и почитување на транспарентноста и правдата и секако на крај да престанат со пресметките со нашиот синдикат и да седнат на дијалог затоа што само така можеме да обезбедиме просперитетна држава во која што институциите ќе се грижат за сите грагани. Од друга страна, ги повикуваме сите други политички чинители во изборниот процес да го почитуваат нашиот глас, гласот на работникот и ги предупредуваме дека ветеното во нивните програми ќе биде нивна обврска за која што ние постојано ќе ги потсетуваме“, соопшти КСС.