КСС до работниците: Почитувајте ги мерките за да не ги изгубите работните места

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) апелира до работниците да ги почитуваат мерките за заштита на работното место во време на пандемија како што се често миење на рацете и користење средства за дезинфекција, држење физичка дистанца од два метра и избегнување контакт со заболено лице или лице кое се вратило од патување од земја со висок или среден ризик.

Оттаму посочуваат дека почитувањето на мерките е важно затоа што доколку е загрозено здравјето на работникот, тогаш загрозени се и работното место и работата на целата компанија.

– Свесни сме дека се наоѓаме во неизвесен и кризен период каде работникот е изложен на можна инфекција од ковид-19 а со тоа и ширење кон другите колеги. Затоа повторно апелираме за зголемување на свеста кај секој работник дека навистина неговото здравје е важно, како за себе, своето семејство, така и за сите колеги и целото општество. Оваа пандемија покажа колку е изложен на удар системот на безбедност и здравје при работа и колку лесно и брзо може да се шири вирусот преку работните места – нагласуваат од КСС.

Според синдикатот, не секаде уредно се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.

– Сведоци сме дека овој вирус зема голем замав на светско ниво и затоа потребна е заедничка одговорност и спроведување на мерките за заштита од заразни болести потенцирајќи дека силата е во заедничкото дејствување со цел прекинување на ширењето на овој разорен вирус – велат од КСС