Куќата на Блаже Конески во родното Небрегово е прогласена за спомен дом

Како наш дополнителен придонес за оддавање почит на големото дело, родната куќа на академик Блаже Конески во Небрегово е прогласена за спомен дом, како значаен споменик на културата од македонската рурална архитектура, напиша денеска премиерот Зоран Заев на својот профил на Фејсбук по повод Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, кој секоја година се одбележува на 18 април, а оваа година е со темата „Комплексно минато: разновидна иднина“.

„Куќата на големиот поет и македонист е уредена во духот на архитектонскиот стил од крајот на 19 век, кога и била изградена со елементи според автентичниот изглед кога е изградена, а денес, дел од собите се музејски простории и места за културни средби. Денес таа е меморијален и едукативен центар, отворен за поетски и духовни средби и сведоштво кое ја потврдува мисијата на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, како препознаена и заштитена убавина од нашето минато која му припаѓа и на светот“, напиша Заев.

Стогодишнината од раѓањето на Конески е вклучена во календарот на значајни настани за 2021 година на УНЕСКО.