Куќен притвор за Вељаноски, Ристовски и за Атанасов, како и за Јанакиески

Судечкиот совет предводен од судијата Илија Трпков им изрече мерка куќен притвор на Трајко Вељаноски, на Спиро Ристовски и на Владимир Атанасов кои денеска беа осуден на затворски казни за случајот „Организатори на 27 април”.

Ова одлука следеше откако обвинителката Гордана Смаќоска побара изрекување на мерка притвор, но истата судот ја одби. Воедно, за Миле Јанакиески, судечкиот совет истакна дека останува во сила мерката куќен притвор.

Кривичниот суд Скопје денеска ја објави пресудата за ,,Организаторите на 27 април” и обвинетите ги осуди на вкупно 25 години затвор.

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, е осуден на 6 години и 6 месеци, а поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски, исто така обвинет во овој случај е осуден на 6 години и 3 месеци. На 6 години и 3 месеци затвор е осуден и поранешниот министер за наука и образование Спиро Ристоски.

За виновен е прогласен и Владимир Атанасов, поранешен директор на УБК, и е осуден на 6 години затвор.

Судската постапка за случајот „Организатори на 27 април” траеше 1 година и 6 месеци.

Судијата Илија Трпков, при изрекување на пресудата, истакна дека државата не се брани со тепање пратеници, односно според него државата не се брани и не се гради со насилство.

Судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието започна на 21 февруари 2020 година.

Обвинителниот акт ОЈО за гонење организиран криминал и корупција до Кривичниот суд го поднесе на 31 мај 2019 година, а беше прифатен во 31 јануари 2020 година.

Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.