Куба го доби првиот премиер по четири децении

Кубанскиот претседател Мигел Дијаз Канел го именуваше министерот за туризам Мануел Мареро Круз за прв премиер на Куба, по 43 години, а неговиот избор го потврди и Парламентот во Хавана.

Мареро (56) беше министер за туризам 16 години во периодот кога Куба доживеа наплив на туристи и хотелски комплекси, со што туризмот стана еден од најважните сектори на кубанската економија.

Претседателот Дијаз Канел рече дека искуството на Мареро во преговарањето со странски инвеститори е една од неговите главни квалификации.

Позицијата премиер на Куба ја имаше Фидел Кастро од 1959 до 1976 година кога новиот устав ја смени неговата титула во претседателска и ја укина функцијата премиер.

Актуелниот устав ги подели овластувањата на претседателот и премиерот, кој е задолжен за дневни активности во петгодишен мандат.