Куба отфрли легализација на истополови бракови

Куба го отфрли амандманот на новиот Устав кој отворa пат за легализација на истополовите бракови, во знак на „почит кон различните мислења“.

Комисијата која е задолжена за изготвување на новиот Устав предложила да се исфрли амандманот за легализација на истополовите бракови, кој требало да гласи: бракот е заедница на „двајца луѓе … со апсолутно исти права и обврски“ за кој се побунија црквата и мнозинството граѓани.

Првиот нацрт на новиот Устав, кој беше објавен во јули, вклучуваше член кој го редефинираше бракот како родово неутрален, а не помеѓу маж и жена, проект кој го промовираше Мариела Кастро, ќерката на Раул Кастро – лидерот на Комунистичката партија.

Комисијата задолжена за изготвување на новиот устав на Куба го ревидирала оригиналниот нацрт за целосно да го отстрани поимот брак. Таа во вторникот му соопштила на Националното собрание дека прашањето за бракот, наместо во Уставот, треба да се третира во семејниот закон кој наскоро ќе се ажурира по усвојувањето на новиот Устав.

Мариела Кастро, како кубанска пратеничка се залагала за вклучување на хомосексуалниот брак во процесот на уставни реформи.

Реформата опфаќаше широк спектар на современи промени во кубанскиот Устав од 1976 година, кој беше наменет за економија од советски вид. Комунистичката Влада полека ги воведува пазарните реформи и се обидува да поттикне поголема интеракција со глобалната економија.

Хомосексуалноста беше прогонувана во годините по револуцијата од 1959 година, предводена од семејството Кастро, но Куба и стави крај на политиката против хомосексуалноста и забрани дискриминација на работното место по таа основа. Мариела Кастро стана истакнат активист за правата на хомосексуалците.