Кубанска лекарска бригада на помош на Италија

363

Иалијанските власти и комунистичка Куба потврдија дека овој викенд карипската земја првпат испратила бригада од лекари и медицински сестри во Италија да помогнат во борбата против новиот коронавирус на повикот од најтешко погодениот северен регион Ломбардија.

Карипскиот остров од револуцијата во 1959 година започна да ги испраќа своите „војски на белите мантили“ на местите погодени со катастрофи ширум светот, најмногу во сиромашните земји. Нивните лекари беа на првата линија во борбата против колерата на Хаити и против еболата во западна Африка во 2010-те години.

Со својата бригада од 52 лица, ова е првпат да испраќа свој контингент за итна помош во Италија, една од најбогатите европски земји, покажувајќи ги дострелите на медицинската дипломатија на Куба.

Ова е шестата медицинска бригада којашто Куба ја испрати изминатите денови за борба притив ширењето на новата болест во странство. Претходно испрати континегенти во сојузничка социјалистичка Венецуела и Никарагва, како и во Јамајка, Суринам и Гренада.

„Сите се плашиме, но мораме да ја исполниме својата револуционерна должност, затоа стравот го ставаме настрана. Кој вели дека не се плаши е суперхерој, но ние не сме суперхерои, ние сме револуционерни лекари“, вели за Reuters Леонардо Фернандез, 68-годишне експерт за интензивна нега пред заминувањето на неговата бригада во Италија. Додава дека ова е неогвата осма меѓународна мисија, вклучително и онаа во Либерија во борбата против еболата.

„Ќе извршиме чесна задача, заснована на принципот на солидарност“, се надоврзува 64-годишниот Грацилијано Диаз.

Италија во моментов е земјата којашто е најтешко погодена од заразниот вирус. Северниот регион Ломбардија е епицентарот на заразата. Кубанските лекари ги повика началникот на службата за социјална грижа на Ломбардија, Џулио Галера.

Куба со економската помош на поранешниот сојузник Советскиот сојуз изгради здравствен систем на кој му завидуваат и развиените земји, иако некои достигнувања се загубени од пропаѓањето на комунистичкиот блок.

Во многу кубански болници состојбата не е добра и Кубанците тешко набавуваат лекови, ситауција за којашто владата во Хавана вели дека е во прв ред последица од повеќедецениските санкции од САД, а западните аналитичари сметаат дека е резултат и на неофикасното државно стопанство во земјата.

И покрај тоа, Куба го има еден од најголемите соодноси на лекар по глава на жител во светот, дури и кога ќе се исклучат многуте стотици кубански лекари кои се во странство, а со своите медицински бригади за помош во катастрофите, Хавана и натаму ја стекнува наклонетоста ширум светот.

„Во време на кризата, кубанската влада, кубанскиот народ… ја слушнаа нашата поплака, и се одзваа“, изјави во саботата министерот за здравство на Јамајка, Кристофер Тифтон, поздравувајќи ги 140-те кубански медицински експерти кои пристигнаа на меѓународниот аеродром во Кингстон.

Велика Британија, исто така, ѝ се заблагодари на Куба минатата седмица, што му овозможи на британски крузер кого го одбија неколку карипски пристаништа, да се вкотви на островот и овозможи евакуација на повеќе од 600 патници на бродот.

Во меѓувреме Куба, којашто важи за земја којашто секогаше е подготвена да одговори на катастрофи, ги зајакнува и мерките на домашен терен, за да ја запре заразата со короанвирусот. Досега таму се потврдени 25 случаи.

Претседателот Мигуел Дијаз-Канел во петокот вечерта објави дека земјата од вторник ќе ги затвори своите граници за станските државјани, што ќе претставува голем удар за туризмот, еден од главните придвижувачи на кубанската економија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.