Кучи: Либерализација нуди поголеми можности со оптимален пазарен модел

Министерот за економија Дритон Кучи денеска учествуваше на министерскиот состанок на земјите од Западен Балкан, порача дека Република Македонија, како членка на Енергетската заедница се обврза да стане дел од внатрешниот пазар на енергија во Унијата и оти се работи на изнаоѓање нов концепт во политиката за поддршка на обвновливи извори на енергија и можностите и начините Македонија постепено да се интегрира на регионалниот и на европскиот пазар.

Потсети дека РМ претставува релативно мал пазар со ограничени ресурси и оти либерализацијата на малите пазари нуди поголеми можности доколку се дизајнира соодветен оптимален пазарен модел, кој ќе ги задоволи во обем и во цена потребите на домаќинствата и индустријата.

Во однос на Агендата за поврзување и т.н. меки мерки Кучи информираше дека веќе е отпочнат процесот на координирано доделување на расположливите прекугранични преносни капацитети на македонско – грчката граница, додека за доделување на расположливите прекугранични преносни капацитети на сите свои граници, се очекува и соседните систем – оператори да се приклучат кон координираната аукциска канцеларија на земјите од Југоисточна Европа.

Министрите за енергетика од земјите на Западен Балкан, како што соопшти Министерството за економија,  во заедничка изјава ја потврдија силната посветеност на процесот на Берлин и на регионалната агенда за поврзување како клучен фактор за раст во регионот, се обврзаа да обезбедат континуирана посветеност за реализација на договорените мерки на Париската конференција и доставување на резултатите од нивното имплементирање на претстојниот Самит во Трст. Министрите ја потврдија  посветеноста во насока на имплементација на Повелбата на одржлив развој, што ќе резултира со почиста животна средина преку имплементација на мерки за енергетска ефикасност и користење на обновливи извори на енергија, осврнувајќи се и на важноста од  спроведувањето на т.н. „меки мерки“, со цел за спроведување на регионален пазар на електрична енергија, со што ќе се овозможи отстранување на постојните законски и регулаторни бариери и подобрување на институционалните структури потребни за функционирање на пазарот во согласност со Договорот за основање на ЕЗ и релевантното европско законодавство.

На маргините на состанокот беа потпишани два договора помеѓу Европската комисија и меѓународните финансиски институции – Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Банкарскиот концерн KfW, во рамките на Програмата за регионална енергетска ефикасност (REEP Plus – Regional Energy Efficiency Programme ) и Фондот за зелен раст (GGF – Green for Growth Fund ), преку кои ќе се финансираат проекти што ќе се реализираат во регионот.

На состанокот присуствуваше еврокомесарот Јоханес Хан директорот на Енергетската заедница Јанез Копач. На заедничката сесија на министрите за енергетика, чии домаќини беа вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот Кучи се дискутираше за примената на одлуките од Парискиот самит и очекувањата од претстојниот Самит во Трст во рамките на т.н. „Берлински процес“.

Министерот Кучи ги поздрави своите колеги, изразувајќи уверување  дека денешниот заеднички состанок претставува уште еден чекор напред во заедничките заложби за регионално поврзување и сигурно снабдување со енергија, како заеднички цели на државите од регионот.