Кучињата лаат и касапат, Шилегов си „врви“

Инциденти во кои кучиња скитници крволочно напаѓаат и каснуваат граѓани се секојдневние во изминативе неколку месеци. Полициските билтени се прополни со вакви информации и известувања. Не само македонски граѓани и деца на плоштадот беа напаѓани и странски туристи.

Службеник на Светска банка кој беше во посета на мисијата во Македонија беше нападнат од кучиња додека трчал на кејот на Вардар во Скопје, при што падна и ја искрши ногата, а му помогнаа  случајни минувачи.

Не може да се излезе надвор ниту дење ниту ноќе, јас не ги мразам кучињата, напротив чувам и свој миленик, но ова што се случува ги надмина сите граници. Ги има насекаде, не можеме децата да ги пуштиме до училиште на мир да отидат, ги има и во училишните дворови. Не гледам нешто да се превзема, напротив само бројот расте и расте. Сега доаѓа и зимата и ќе почне порано да се стемнува, ќе те изгризе куче и додека се снајдеш за помош триста болести ќе фатиш, а и сите знаеме колку е опасно ако те нападне цела глутница, вели револтиран граѓанин за „Нетпрес“.

На многубројните прашања за конретни решенија за овој проблем, испратени од редакцијата на „Нетпрес“ , Градот Скопје не дава никакви одговори, веќе неколку месеци.

Градоначалникот Шилегов во изјави за други медиуми тврди дека службите преземале се што е во нивна законска надлежност но не откри дали шинтерската служба интервенираат  по инцидентите. Според него не постои друга можност освен кучињата да бидат обележани и вели дека за ваквата состојба во градот виновни се и неодоговрни сопственици на домашни миленици кои поради разни причини ги напуштале кучињата на улица.

Постојат многу неодговорни сопственици, тоа е факт, но стратегијата за решавање на овој проблем некако многу бавно се случува. Не мора да прошетате во другите општини, па среде плоштад има 20 бездомни кучиња кои досега нападнаа многу граѓани. Хумани сме, ама еве градските власти нека одговорат како да се заштитиме, прашува граѓанин.

До јуни се појавиле 700 нови кучиња скитници потври Шилегов кој рече дека во градот има од вкупно од 6000 до 8000. Градскиот совет на следната седница ќе одлучува за ребаланс на буџетот со кој се предвидени дополнителни средства за опрема во центарот Вардариште за кое Шилегов вели конечно го легализирале. Тој информираше дека до март следната година ќе треба да бидат чипирани сите домашни миленичиња.

Незадоволство од нерешавањето на проблемот искажува и здружението „Анима Мунди“ што во повеќе наврати доставиле конкретни укажувања, конкретни предлог мерки и барања за итна потреба од измена на работењето на стационарот „Вардариште“. Тие побарале да го превземат раководењето со стационарот со што истиот би функционирал доследно согласно унапредена Програмата (залови – стерилизирај – врати) која е во светски рамки покажана како единствен успешен метод.

Проблемот со бездомните животни само ќе се продлабочува доколку не го третираме и решаваме  во корен, а тоа е неодговорното сопствеништво,т.е. доколку не се спроведат напоредно низа итни мерки, предупредија од здружението за „Нетпрес“ уште во април.

Шилегов тогаш тврдеше дека се изработува стратегија за долгорочно решавање на проблемот, а според него нападите на кучиња не се зачестени, напротив се се поретки.

„Анима Мунди“ во јавно обраќање го прашува Шилегов: Има ли пилот во авионот?

По повеќе од третина изминат мандат на градоначалникот Шилегов, Градот Скопје врие од напуштени кучиња (расни и мешани, очигледно исфрлени на улица), додека пак стационарот по пат на дислоцирање на животните од едно место во друго вештачки создава глутници и дополнително прави хаотична ситуација. Имено, со разместување, животните станаа уплашени, со тоа раздразливи, непознати на локалното население и средина, одново оставени да се борат за извори на храна и територија. Вардариште има речиси 90% смртност на малите кутриња од епидемии, кои владеат во стационарот. Ни одблиску немаме показатели дека проблемот ќе биде решен.

За да пред два дена, од нигде никаде го слушнеме градоначалникот Шилегов како се обраќа до граѓаните сугерирајќи да му дадат иницијативи за евентуално „успивање„ на кучињата, која допрва од Градот би ги разгледувал.

Доколку дојде до иницијатива за промена на комуналната програма за подолго да ги чуваме или евентуално успивање тоа е нешто што допрва ќе го разгледуваме. Таква иницијатива не е стигната до мене. Ако граѓаните сметаат дека треба да има измени ги повикувам да се покрене таква иницијатива, ние ќе ја разгледаме, рече Петре Шилегов.

Здружението ова не го смета за лапсус, туку за осмислено и наменско сугерирање на други методи, кои се нехумани, кои во Скопје, во услови каде има премногу бездомни животни би значело убивање на секое второ куче.

Според нив вакви иницијативи допрва би не уназадиле како земја, нема да дадат никакви резултати и на кои најостро ќе се спротивстават.

Градоначалнику Шилегов, Анима Мунди ви има доставено иницијативи кои се проверени, докажани, ефикасни, економски исплатливи и хумани; кои трајно ги решаваат причините на проблемот делувајќи во неговиот корен, додека вие упорно се бавите со неговите последици и тапкате во место. Методите на кои инсистираме и Ви ги предлагаме се поддржани од најсилните светски организации, кои ја познаваат оваа проблематика а нивната примена дала успешни резултати во цел свет. За овие наши иницијативи Анима Мунди доби писмена поддршка од над 20 ЕУ парламентарци. Мерките кои ги предлагаме се НЕЗАМЕНЛИВИ доколку сакаме проблемот со бездомната популација да го третираме во неговиот корен и трајно да го решиме. Кучињата не се на улица по сопствена вина!

Жалиме што во активистите, оние единствените кои знаат и умеат да помогнат, кои со сопствени ресурси дејствуваат како градски сервиси и помагаат 24/7 не увидовте партнер и сојузник во решавање на овој проблем. Инсистираме на третирање и решавање на коренот на проблемот: – прецизирање и измена на законска регулатива со која ќе се спроведе контрола во областа на домашните миленици и трговијата со истите, меѓу кое: 1) инсистирање на одговорното сопствеништво и казни за неодговорните, 2) кампањи за вдомување место купување миленик, 3) оданочување и контрола на секој кој тргува со животни, 4) оданочување на купено и репродуктивно способно куче, 5) кастрација на домашни миленици, 6) брза, масовна стерилизација на бездомните кучиња од Скопје и нивно ЗАДОЛЖИТЕЛНО враќање на териториите од каде потекнуваат и каде се познати на населението, каде природно ги штитат локациите од прилив на нови, нестерилизирани единки. Ова е комплексен проблем и бара комплексно решавање. Тука нема причина било кој да нафрла идеи како ќе му текне затоа што Градот Скопје не е фабрика за исполнување на каприци и желби кои не само што нема да го решат проблемот, туку ќе направат “каша попара”. Се надеваме дека Градот е сериозна институција која има тим и знае и умее да ги решава проблемите на граѓаните, и знае кого е потребно да инволвира и консултира. Ситуацијата е алармантна, нема време за популизам, а нема ни услови за нехуман третман на животни, во тоа бидете уверени.

Се надеваме дека ја согледувате добронамерноста на ова обраќање и дека навреме ќе се откажете од сите потенцијални егзибиции кои последователно никому нема да му донесат ништо добро, порачаа од здружението.