Кукан и Флекенштај ја разбрале ситуацијата во Србија, власта без коментар, опозицијата со услови

Претставниците на Европскиот Парламент, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, по дводневните разговори во Белград, соопштија дека имале искрена размена на мислења на состаноците со сите политички чинители што им овозможило подобро да ги разберат предизвиците и поделбите на српската политичка сцена.

-Имавме искрена размена на мислења на нашите состаноци со сите политички чинители од владејачкото мнозинство и опозициските партии, што ни овозможи подобро да ги разбереме предизвиците и поделбите во српската политичка сцена. Ние ќе ги разгледаме овие разговори, ќе дадеме предлози за натамошно дејствување и ќе останеме подготвени за тесна соработка со сите српски политички партии во Националното собрание, се вели во соопштението на делегацијата на Европскиот парламент.

Од владечкото мнозинство немаат коментар за разговорите, освен штурото соопштение од кабинетот на претседателот Александар Вучиќ, дека е разговарано за политичката атмосфера и конкретните прашања со цел за олеснување на дијалогот меѓу парламентарните партии.

Дописникот на МИА од Белград јавува дека опозицијата, иако со различни коментари, сепак, побара одредени услови за да не ги бојкотира престојните парламентарни избори, на пролет следната година.

Двери и Либерално-демократската партија на Чеда Јовановиќ побараа формирање на техничка, преодна влада, а Демократската партија исполнување на неколку услови

-Доколку администрацијата на ЕУ застане на страната на актуелната влада во Србија, може да се очекува уште поголем пад на довербата на граѓаните во евроинтеграциите, изјави претседателот на Двери, Бошко Обрадовиќ, додавајќи дека решението лежи во формирање преодна, техничка влада во Србија.

Обрадовиќ истакна дека станува збор за многу важна политичка мисија доколку за цел ја има истата работа направена во Македонија и Црна Гора за време на политичките кризи во тие земји во 2016 година. Тој потсети дека изборите тогаш се одржаа дури по формирањето на преодна, техничка влада, во која како коминистри седеа и претставници на опозицијата.

-ЕУ, според тоа, има модел за решавање на политичката криза во Србија и српското движење „Двери“ ја поздравува секоја мисија на ЕУ што се движи во оваа насока, особено затоа што поранешните европски парламентарци Кукан и Флекенштајн беа главни посредници и во случајот со Македонија и добро го познаваат овој модел, кажа Обрадовиќ.

Од Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас, се за бојкот на изборите, каде го споменуваат случајот со Северна Македонија и Албанија.

-И, ако го споредите регионот, ќе забележете дека албанскиот претседател рече дека ситуацијата е неодржлива и потребни се предвремени избори, а Северна Македонија е уште подобар пример за некој што ја игнорира волјата на народот, затоа што каде е денес Груевски? Во својата земја или во бегство ?!, изјави Мариника Тепиќ од ССП.

Претседателот на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац, изјави дека на бриселските дипломати им доставила барања за слободни и фер избори и побарале гаранции за исполнување на 42 барања од протестите „1 од 5 милиони“, информирајќи ги дека на властите им е одреден рок до 15 септември за промени во РТС и РЕМ со цел да се обезбедат минимални услови за фер избори.

Од Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ по разговорите порачаа дека „активно ќе учествува во бојкот на претстојните избори и делегитимизација на постојниот политички систем затоа што веруваат дека тој не може да се подобри или измени, туку мора да се промени од корен“.

-Свесни сме за договорот што актуелната власт го има со делот на меѓународната заедница во врска со иднината на јужната српска провинција (Косово), што е спротивно на државниот интерес и Уставот и нема да дадеме легитимност на изборите како опозиција, изјави претседателот на ИО на НС, Владимир Добросављевиќ.