Култните очила на Ленон продадени за над 135.000 фунти

Култните округли очила за сонце кои му припаѓале на легендарниот ливерпулски музичар Џон Ленон се продадени во петокот на он-лајн наддавање на аукциската куќа Sotheby’s за 137.500 британски фунти, 20 пати повеќе отколку што беа проценети.

Очилата на продажба ги ставил Алан Херинг, поранешниот возач на Ринго Стар и Џорџ Харисон, двајца од четворицата членови на The Beatles. Имено, Ленон ги оставил на задното седиште на автомобилот во 1968 година.

Херинг раскажа дека сите тројца еден ден ги возел, а „кога Џон излезе од автомобилот забележав дека ги оставил очилата за сонце на задното седиште“, делумно скршени.

„Го прашав Џон дали сака да ги поправам. Ми рече ‘не се замарај, тоа е само поради стил’. Никогаш не ги поправив, ги оставив такви какви што беа, како што Џон ги остави“, вели Херинг.

„Џон Ленон и неговите карактеристични очила за сонце меѓусебдно се неразделни. Тоа се најмитските очила за сонце во историјата на рокенролот“, изјави експертот од аукциската куќа Sotheby’s, Габриел Хитон.