Културата, археологијата и туризмот во функција на наша промоција кон светот

Инвестициската промоција е таа кон која би требало да го насочуваме најголемиот дел од нашето внимание, затоа што од успехот на таквата политика непосредно зависи и темпото на економскиот напредок и развој, но тоа истовремено не значи дека треба да бидат запоставени другите еднакво важни промотивни активности, а кои исто така допринесуваат за вкупниот општествен развој на државата.

Организирањето на поголем број на културни, археолошки и туристички презентации од  страна на Министерството за надворешни работи (преку нашите дипломатско -конзуларни претставништва), Министерството за култура и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот претставуваат исклучително важен дел од надворешното претставување на историските, културни и природни богатства на Република Македонија.

Успешно реализираните надворешни економски, туристички, културни, археолошки, музички и гастрономски презентации силно го поттикнуваат развојот на секторот за туризам. Мултимедијалните настани организирани ширум светот во текот на последните неколку години кај странците предизвикуваа чувство на задоволство и најчесто произведен заклучок дека Македонија има со што да се гордее, бидејќи токму на нејзино тло се наоѓаат ретката мегалитска опсерваторија на Кокино, ископините на повеќе антички градови, Виничкото кале, тврдините на Крале Марко и Кале, градот на езерото кое плени со својата убавина и силен христијански одблесок на преубавите цркви од византискиот период.

Република Македонија за најголемиот број странски туристи, археолози, теолози, дегустатори на вино, љубители на планините, езерата, руралниот и спортски туризам претставува вистинско откровение и пријатно изненадување. Се’ на се’, волшебно парче земја кое нуди и подарува чистина проткаена со голема љубов и внимание кон дојденците.

Се прашувам дали било кој може да остане индолентен кон предизвиците кои ги нудат рано христијанските мозаици од ископините во Стоби, Хераклеа, Лихнида и Скупи, и како ли се чувствувуваат сите оние странци кои за прв пат тоа го гледаат и се соочуваат со вистинскиот предизвик на македонските приказни од историјата. Доколку на тоа се додаде и непроценливата вредност на музејските експонати и разни содржини внесени во ново отворениот Археолошки музеј, во Музејот на револуционерната борба, Меморијалниот центар на Холокаустот,  Музејот на град Скопје и другите помали градови, тогаш верувам дека заклучокот ќе биде уште појасен и секако позитивен.

Вистинската и практична верификација за сите наши убавини и богато историско и културно наследство доаѓа токму од големиот број на туристи, граѓани и професионалци во светот, кои по разни основи и се приближуваат на Македонија, ја посетуваат и ги следат настаните организирани од страна на македонската држава. Верувајте дека добрата практична презентација, најчесто дополнета и поттикната со звуците на традиционална народна музика, игра и танци и со дегустацијата на вкусната органска храна и вино од познатите македонски винарии, води кон неизбежен успех.

Да, мислам дека токму тоа е потребно, да слушнат за нас, да не видат и да го почувствуваат  поднебјето и нашиот непокорлив дух, да им ги пробудиме сетилата и да ги поттикнеме да не посетат, повторно да ни дојдат и заеднички да уживаме во убавините на оваа прекрасна и божествена земја Македонија.

Авторот е докторант и соработник на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.