Кумановци се жалат на непријатна миризба која доаѓа од Прешево, Србија

Кумановци повторно вчера почувствуваа силна непријатна миризба на изгорена гума, пластика по 22:30 часот. Тие реагираа дека мирисот е неподнослив и дека не можат да проветрат простории, ниту пак да излегуваат надвор.

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), како што објави на својата фејсбук-страна, повторно завчера во ноќните часови по неколкудневни пријави за непријатна миризба во соработка со овластен инспектор за животна средина од Општина Куманово извршиле увид на повеќе локации во општината. При посетата на повеќе локации во Куманово, Краста, неколку правни субјекти кои подлежат на А и Б интегрирани еколошки дозволи, не се забележало палење, ниту миризба, ниту чад.

– Исто така се направи увид и на граничниот премин Табановце при што се почувствува непријатна миризба од нафтени деривати од помал размер. Потоа се направи разговор со вработените од царинските служби кои кажаа дека повремено се чувствува непријатна раздразнувачка миризба, а потврдија и дека во текот на 8 јуни мирисало многу на изгорена гума. Непријатниот мирис се чувствувал повремено преку денот, а некогаш во текот на ноќта. Дефинитивна е констатацијата дека миризбата доаѓа од Република Србија од општина Прешево, од инсталација која работи блиску до границата, а ДИЖС е во очекување на информација од српската инспекција за животна средина за контролите во пограничните инсталации, наведуваат од Инспекторатот.

И кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, претходниот ден објави видеоматеријал на кој се гледа чад од инсталација во близина на автопатот во близина на границата со соседна Србија.

Според објавата, Димитриевски наведува дека ги контактирал колегите од Прешево кои потврдиле дека и тие имаат ист проблем. Градоначалникот побарал од Државниот инспекторат за животна средина службено да поведе постапка за контрола и спречување преку колегите од Република Србија и како што наведува лично ја известив амбасадорката на Република Србија за проблемот со кој се соочуваат граѓаните и добил ветување дека веднаш ќе интервенираат надлежните институции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.