Кумановското обвинителство ќе утврдува дали Заев повикал на поткуп пред референдумот

Кумановското обвинителство е тоа што ќе треба да оцени, дали говорот на премиерот Зоран Заев, во Крива Паланка пред референдумот, е обид за поткуп на гласачи. Трите кривични пријави поднесени против Заев, се споени во една, од причина што сите го обвинуваат за исто дело.

ВМРО-ДПМНЕ, Глас на Македонија и од Светскиот македонски конгрес го обвинија Заев дека, отворено на митинг, ги повикал бизнисмените со пари да ги мотивираат вработените да гласаат на референдумот.

На прашање, дали ќе постапат по допрен глас околу обвинувањата за полнење на гласачки кутии во Сарај и други места, Бајрами одговори дека, ги следат сите индиции за сторени кривични дела.

Обвинителството досега утврдило четириесет прекршувања на денот на гласањето, кои во основа се ситни. Во Скопје се регистрирани 29 инциденти кои биле толку незначајни, што 27 се разјаснети уште истиот ден. Индиции за кривично дело се утврдуваат и за настан во Аеродром, во кој лице ги омаловажувало гласачите, а подоцна се судрило и со полицајците кои дошле да интервенираат. Во Штип, пак, сопруг на жена која се пријавила како неписмена и гласала со помош на член на Избирачки одбор, го искинал ливчето, откако не му се допаднало тоа што е заокружено на него. Констатирани се и нарушувања на јавниот ред и мир и обиди да се фотографираат гласачки ливчиња.

Од ВМРО-ДПМНЕ синоќа најавија дека ќе поднесат 200 кривични пријави против претседатели, членови и заменици на избирачки одбори во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај.