Кумуцакос: Ако решението не е добро за земјата, ние како влада одново ќе преговараме

Решението што ќе се постигне треба да биде добро решение, бидејќи, во спротивно, ние како влада одново ќе преговараме, вели одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос.

„Ако владата не постигне добро решение, бидејќи ние не веруваме во решение само за да биде решение, туку веруваме само во решение со добро решение, ако нема добро решението ние сме подготвени по изборите, како нова влада, повторно да преговараме за ова прашање“, рече Кумуцакос во интервју за грчката државна телевизија ERT, потенцирајќи дека решението треба да биде добро за земјата, а не за нив како партија.

Комуцакос, кој е задолжен за надворешната политика во опозициската Нова демократија, рече и дека доколку актуелната влада во Атина, сепак, донесе решение, тогаш тие ќе го стават „под микроскоп“ договорот и ќе ги анализираат „дури и запирките“.

„Врз база на нашиот критериум, според кој, договорот го имаме опишано како комплетен, целосен, да не остава надвор ниту едно прашање, конечен, односно да не остава нерешени прашања за во иднина и секако да ја вклучува потребата за промена на Уставот, потребата за борба со иредентизмот и сл. Ние врз база на овие критериуми, доколку биде постигнат договорот, ќе земеме в раце една голема, силна, национална лупа и ќе го видиме договорот во целост, доколку се постигне, но ќе го разгледаме и секој детал од договорот и кога велам секој детал мислам дури и на запирките, бидејќи е многу критичен овој договор, доколку биде постигнат“, рече Кумуцакос.

Смета дека во преговорите сѐ уште постојат нерешени прашања и потенцира дека забележува разидување на позициите на премиерот и министерот за надворешни работи.

„Од двете соопштенија, објавени вчера од владата, едното од Министерството за надворешни работи, другото од премиерскиот кабинет, гледам разидување на тоновите. Пооптимистичко соопштението од министерството за надворешни работи, помалку и многу внимателно, би рекол и во функција да го коригира првото соопштение во однос на оптимизмот, беше соопштението од кабинетот на (премиерот Алексис) Ципрас“, додаде Кумуцакос.

Притоа истакна дека освен ова, актуелната грчка влада има уште еден проблем којшто „има име и презиме“ и „се вика Панос Каменос“.

„Пред пет дена изјави дека тој самиот не гледа и не верува дека ќе има договор. Кога го изјави ова? Во исто време додека се водеа консултациите и преговорите на министерот за надворешни работи Коѕијас во Њујорк. Владата треба да ги земе предвид и внатрешните проблеми“, појасни претставникот грчката опозициска партија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.