Кумуцакос: Кога ќе дојдеме на власт, ќе го смениме Договорот за името

Како влада, ќе направиме сѐ што е можно, сѐ што е во наши раце, со преговарачки, дипломатски и политички средства, со контакти за да се смени оваа негативна разврска за земјата по Договорот. Тоа е наша обврска, изјавил одговорниот за надворешна политика во Неа демократиа, Јоргос Кумуцакос, за грчката телевизија „Антена“.

Кумуцакос повтори дека нема шанси Неа демократиа да го поддржи Договорот меѓу Македонија и Грција и нема да гласа за него, кога ќе дојде во парламентот, пренесува МИА од Атина.

„Доколку и кога ќе стане влада, Неа демократиа ќе направи сѐ, сѐ што има на располагање, со секое дипломатско и политичко средство, за да смени и да намали сѐ што е негативно во договорот“, порача Кумуцакос.

Според него, владата „во најдобри можни околности, донесе најлош можен договор“.

„Комбинацијата на името Северна Македонија со прифаќање македонски јазик и македонска националност, е експлозивна. Тоа навистина е основа на еден нов иредентизам. Зошто? Бидејќи постои една Северна Македонија и очигледно и Јужна Македонија, во очите на Скопјаните, не во нашите очи, за нас постои една Македонија. Комбинацијата дека постои една јужна Македонија и Македонците се таму, сфаќате дека комбинацијата е експлозивна, нема потреба да навлеземе во други работи, само ова е доволно“, објасни Кумуцакос.

Тој, повикувајќи се на објавените изјави од европски функционери и на поранешниот пратеник во Независни Грци, Димитрис Каменос, додаде дека е можно владата да преговарала за да добие нешто во замена и дека тој лично не може и не сака да поверува дека владата „за да земе нешто малку за долгот, даде нешто големо за нацијата“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.