Куновска го честиташе роденденот на партијата: СДСМ ги живее најнеславните денови од своето постоење, разочарувањето е огромно…

Среќен 30-ти роденден вистински социјалдемократи, колку и да сте денес такви на број!, порача актерката и поранешен функционер од партијата Софија Куновска во родендеската честитка, додавајќи дека за жал, иако е партија на власт, СДСМ ги живее најнеславните денови од своето постоење.

-Среќен роденден

30 години СДСМ
20 април 1991 – 20 април 2021
Денес 20 април, е празник со кој се одбележува 30 годишнина од постоењето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Денес, вистинските социјалдемократи кои веруваа во идеолошките одредници на оваа државотворна партија, оние чии заложби и цели беа модерна и просперитетна држава пред се и над се, како и граѓанско општество каде приматот го има неговото височество граѓанинот, сеуште свежо се сеќааваат на една поинаква борба и верба од денешната, борба и верба на идеи и вредности. Се сеќаваат на времињата чија одлика беа мудрост, национална гордост и достоинсво во раководењето со државата, на еден поинаков углед на Македонија на меѓународната сцена, борба и верба во подобро утре.
Низ годините следеа низа успони и падови, но…
За жал денес СДСМ иако партија на власт, ги живее најнеславните денови од своето постоење. Разочарувањето е огромно и кај граѓаните, но и во редовите на самата партија. Идеолошки обезличена, приватизирана, без однос кон своето минато и величините кои ги поставија темелите на партијата но и на државата, со желба дури да се смени и датумот за роденденот од 20 во 21 април, пораката е загрижувачка:
СДСМ е денес псеудодемократска партија, таа повеќе не е место во кое се раѓаат добри политики. Султанизирана, груевизирана, раководена од интелектуална бужутерија, таа е од ден во ден се повеќе клиентелистичко акционерско друштво во кое доаѓаат печалбари на привремена работа. СДСМ е истребено од социјалдемократи а нивните соништа се украдени.
Процесите се многу повеќе празни маркетиншки балони одошто суштински промислени постапки кои треба да имаат предвидлив резултат. Се котат „ќосиња“ кои на дневна основа се занимаваат со дисквалификација и елиминација на инакумислечките. Сопартијците не смеат да испијат кафе со неподобните, а камо ли да се сослушаат меѓусебно, па дури и да го прослават заедно овој значаен ден, нешто вообичаено за демократскиот свет. Исчезна другарството, солидарноста и пожртвуваноста.
Има уште многу што да се каже за состојбите во СДСМ, но тешко е да се издвои нешто светло.
Сепак во оваа пригода би сакала да ја задржам мерката и за крај да порачам:
Среќен 30-ти роденден вистински социјалдемократи, колку и да сте денес такви на број!