Курц најавува влада со зелените

19

Мандатарот за состав на идната австриска влада, лидерот на Народната партија на Австрија (ОВП) Себастијан Курц, изјави денеска дека ќе почне коалициски преговори со Зелените.

Курц пред новинарите истакна дека минатата недела имал повеќе средби со Зелените и објасни дека ја избрал таа партија за разговори за идната влада. Тој нагласи дека се избрани и темите за кои ќе се преговара, додавајќи оти исходот од разговорите е отворен, но двете страни посебно ќе се ангажираат со цел постигнување договор.

Лидерот на ОВП истакна дека нема да биде лесно, бидејќи ставовите на двете партии „се многу, многу различни”.

Првиот состанок во рамки на коалициските преговори ќе се одржи уште утре, кога е планирана средба меѓу Курц и лидерот на Зелените, Вернер Коглер.

Курц истовремено порача дека нема да има никакви паралелни преговори. Тој имал две опции за избор – Социјалдемократската партија или Зелените, бидејќи ФПО најави дека ќе остане во опозиција.

Курц нагласи дека Зелените имаат цврсти ставови по прашањето за заштита на животната средина и борбата против климатските промени, каде што нема да биде лесно, како што ОВП инсистира на своите ставови по прашањето за миграција, безбедност и даночна политика.

– Доколку биде постигнат договор со Зелените ќе треба малку повеќе креативност и до некаде некој нов облик на владеење, порача Курц.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.