Курц: Отворањето на границите за мигрантите пред 5 години беше грешка

Австрискиот канцелар Себастијан Курц ја нарече грешка одлуката на германската канцеларка Ангела Меркел да ги отвори границите за бегалците пред пет години, јави ДПА. Тој во интервју за Германската новинска агенција вели дека „бил против политиката на отворени граници уште од самиот почеток“.

„Политиката на отворени граници не само што придонесе за голем број луѓе да се насочат кон Европа, туку исто така доведе до огромно преоптоварување во многу делови на Централна Европа. Поради политиката на отворени граници, шверцерите со луѓе заработиле огромни суми и дека во исто време безброј луѓе ги загубија своите животи обидувајќи се да го преминат Медитеранот“, вели Курц во интервјуто.

Според податоците од УНХЦР, лани преку море во Грција, од каде доаѓаат најмногу мигранти на пат кон западна Европа, пристигнале 10.700 бегалци, а 39 луѓе загинале пред да стигнат до брегот. Во грчките кампови се регистрирани околу 70 илјади мигранти. Според податоците од Меѓународната организација за миграции, во 2018 околу 300 луѓе починале при обидите да стигнат до некоја од европските земји.

Во денешното интервју за ДПА, Курц вели дека е „среќен што пет години по бегалската криза, Европа има сосема поинаква политика“.