Курц предупреди дека Австрија се соочува со вториот бран на епидемијата

Австрија се соочува со вториот бран на епидемијата на новиот коронавирус, изјави во неделата канцеларот Себастијан Курц, откако бројот на новозаразените во оваа земја не престанува да расте.

Од петокот до саботата во Австрија, која има околу девет милиони жители, забележани се 870 нови случаи на заразата, од кои повеќе од половината се во главниот град Виена. Во земјата од избунувањето на епидемијата заразени биле над 33.000 лица, а починале 750 луѓе.

„На почетокот од вториот бран сме“, изјави Курц и предупреди дека земјата наскоро би можела да достигне и бројки од над 1.000 новозаразени на дневно ниво. Исто така, го повика населението строго да ги почитува епидемиолошките мерки и контактите да бидат намалени на минимум.

Во петокот австриската влада најави посторги мерки кои вклучуваат и носење заштитни маски на сите јавни собири. Од понеделник носењето маска ќе биде задолжително во супермаркетите и во сообраќајот, ќе биде задолжително и во сите продавнции и јавни објекти. Канцеларот не исклучува воведување и дополнителни мерки, но се надева дека нема да мора да биде воведен карантин.