Курдски активисти ја прекинаа расправата во Европскиот парламент

Курдските активисти протестираа во салата на Европскиот парламент во Стразбур во средата на 24-годишнината од апсењето на курдскиот лидер Абдула Оџалан, што резултираше со тричасовен прекин на дебатата и евакуација на европратениците.

Имаше десетина активисти, а тие влегле во салата како посетители. Веднаш штом пристигнаа во галеријата со поглед на полукружната сала, почнаа да веат знамиња и да извикуваат непријателски слогани насочени кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и да бараат ослободување на Абдула Оџалан. Нивната акција резултираше со прекин на дебатата и евакуација на салата.

Во исто време, припадници на службата за безбедност се обидоа да ги уапсат активистите, но некои успеаја да ја преминат безбедносната ограда, која се наоѓа на само неколку метри од местото каде што седат европратениците.

„Среќна сум што можам да известам дека ситуацијата е решена мирно и дека нема повредени. Демонстрантите сега се надвор од зградата“, изјави претседателката на парламентот Роберта Мецола по продолжувањето на расправата.

„Овој парламент гордо ја брани слободата на изразување и правото на протест, но секој протест мора секогаш да ги почитува нашите правила, јавната безбедност и не смее да се меша во нашите демократски дебати“, додаде таа.

Седницата на ЕП беше прекината, а Мецола им кажа на европратениците дека поради „безбедносен инцидент“ пленарната седница е прекината на три часа. Мецола не сакаше да открие кој протестирал. Таа додаде дека не сака на активистите да им го даде „публицитетот што беше нивната намера“ и дека тоа „не е начин да се привлече вниманието на Собранието“.

Еден од главните фигури на курдскиот бунт во Турција, сега 73-годишниот Абдула Оџалан беше уапсен на 15-ти февруари 1999 година, а потоа осуден на смрт во Турција на 29-ти јуни 1999 година за предавство и обид за отцепување на територија на земјата. Но, неговата казна беше променета во доживотен затвор во 2002 година, откако Турција ја укина смртната казна и има посебен режим во затворот.