„Курир“ : Шилегов најбогатиот адвокат меѓу пратениците

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов заработува повеќе како правник отколку како пратеник. Кога веќе е познато дека пратеничката плата е една од повисоките и изнесува околу 1000 евра, Шилегов како правник сигурно заработува барем двојно повеќе, пишува „Курир“.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шилегов денес откри дека цели 21 година заработува повеќе во својата професија отколку во партиската функција, но не даде детални одговори на оваа тема.

„Курир“ нагласува дека она што е спорно е дека покрај овие високи суми на пари кои легнуваат на неговата сметка, портпаролот на Заев во својот анкетен лист пријавува минимални примања.

„Фатен во ова, Шилегов избегна да одговори како со минималните примања кои ги има пријавено има стекнато имот вреден вртоглави половина милион евра, куќа на три спрата, стан и два автомобили“, пишува „Курир“ и во продолжение ја пренесува денешната изјава на портпаролот на СДСМ.

-Бидете си трпеливи, УЈП врши контрола веќе четири месеци, не успеваат да најдат наод. Имотот, приходите, целокупната имотна состојба на Петре Шилегов е толку јавна, толку транспарентна и толку чесно заработена што претставува запрепастување на челниците на ВМРО-ДПМНЕ кои што мислат дека пари во животов можат да се спечалат само со крадење, рече денес портпаролот на СДСМ.

Со оваа сума на пари кои легнуваат на сметката на Шилегов, 1000 евра како пратеник без ниту еден сработен ден и сигурно двојно повеќе како адвокат, опозицискиот  портпарол е најбогатиот правник меѓу пратениците.

Исто така, порталот потсетува дека Петре Шилегов веќе 14 месеци редовно ја добива пратеничката плата, а не доаѓа во Собрание на работното место. Практично, овие средства од 14.000 евра Шилегов ги зема за неработење.