„Курир“ : Заев на лидерската очајно креирал сценарио за бегање од избори-странците зачудени од неиздржаните изговори

Дискусијата на првиот човек на СДСМ Зоран Заев на вчерашната лидерска средба била целосно во насока на неаргументирано одложување на престојните избори, притиснат од сознанието дека ужива очајна поддршка од граѓаните, пишува порталот „Курир“ повикувајќи се на извори во преговорите.

Како што наведува порталот, аргументите на опозицискиот лидер биле со чудење примени од присутните, вклучително и од странските претставници.

Прво, како што наведува „Курир“, Заев се жалел дека неговите привремени министри и заменици министри немале вработени по кабинетите и тоа се’ отежнувало, но бројките и фактичката состојба кажува дека тоа не е вистина.

Имено, технички назначената министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски има вработено 6 лица, сите партиски активни членови на СДСМ. Техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски има ангажирано во својот кабинет деветмина, со што врши брутална узурпација и партизирање на институцијата.

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски во министерството за информатичко општество и администрација има ангажирано три, за кусо време треба да почнат да работат уште 3 лица, а слично е и со Кире Наумов во министерството за финансии.

Втората жалба на Заев на средбата било барањето кое го испорачал во име на специјалната обвинителка Катица Јанева, да не важат никакви критериуми при вработувањето и работата на специјалното обвинителство, наспроти мерит системот по заслуги присутен во јавното обвинителство. На ова се чуделе и странците кои биле присутни на средбата, кои на тоа гледале како на неиздржан и неприфатлив изговор да се одложат изборите.

Дополнително, првиот човек на СДСМ се жалел дека медиумите кои самиот ги прогласи за најголеми непријатели не прифаќале рекламирање од СДСМ. Исто така, и ова тврдење на Заев не е точно бидејки истите со задоволство прифатија  рекламирање.

Она што исто така зачудува е фактот што лидерската средба не траеше долго. Тоа според нашите извори било од причина што уште минатата среда истите работи кои вчера беа соопштени биле договорени, но на Заев му требало лидерска за да се слика и потоа обвинува дека се пробиени роковите и доцни договорот за кој самиот придонесува да има одложување и пробивање на роковите. Заеднички впечаток на сите било креирањето на атмосфера на Заев за сценарио за бегство од избори, пишува „Курир“.