Каналот со кој се снабдуваат со вода две термоелектрани кои произведуваат речиси целата електрична енергија на Косово е оштетен во експлозијата што косовскиот премиер Албин Курти ја прогласи за „терористички чин“ од Србија.
Засега нема информации за повредени и причина за експлозијата во Зубин Поток на северот на поранашната јужна српска покраина Косово и Метохија каде албанското мнозинство во 2008 година со поддршка на водечките западни земји еднострано прогласи Република Косово, која влијаеше и на снабдувањето со вода за пиење. Српските власти ги отфрлија обвинувањата но сѐ уште официјално не го коментираат овој настан, а светските агенции во прв ред Reuters акцентираат дека нема докази за вмешаност на Белград.
„Ова е криминален и терористички чин кој има за цел да ја уништи нашата клучна инфраструктура“, рече Курти во телевизиско обраќање.
Најави дека дел од државата може да остане без струја доколку до утрото не се реши проблемот. Како уште еден показател за растечките етнички тензии меѓу двете земји од Западен Балкан, Курти, по стапките на претседателката Вјоса Османи, ги обвини криминалните групи од Србија, без да наведува докази, пишува Reuters.
Претходно во петокот, косовската полиција најави зголемени безбедносни мерки по двата неодамнешни напада со гранати врз полициска станица и зграда на општината на северот на Косово, каде што живее и српско население. Не е познато дали инцидентите се поврзани.
Локалните медиуми објавија фотографии од уништениот канал, излевање на вода и големо полициско присуство.
Фарук Мујка, раководител на локалниот водовод во Ибар-Лепенци, за порталот Калксо изјави дека во каналот била фрлена експлозивна направа.
За да се реши проблемот, снабдувањето со вода за пиење ќе треба да се прекине што е можно поскоро, вклучително и за главниот град Приштина, рече тој. Каналот ја снабдува со вода косовската енергетска компанија КЕК, главниот производител на електрична енергија во земјата.
Американскиот амбасадор во Косово рече дека САД „остро го осудуваат“ нападот.
„Внимателно ја следиме ситуацијата, ќе поддржиме сеопфатна истрага и ѝ понудивме целосна поддршка на косовската влада за да се погрижи одговорните за овој криминален чин да бидат идентификувани и изведени пред лицето на правдата“, напиша Џеф Ховениер на платформата X.