Мандатарот за состав на новата влада на Косово, лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, го изложи денеска пред пратениците во косовското собрание составот на кабинетот што тој ќе го води, јави дописникот на МИА од Приштина.
Владата на чие чело ќе биде Курти, како лидер на партијата победничка на изборите од 6 октомври, ќе има 15 министерства и двајца вицепремиери.
За министри од редовите на ВВ Курти ги предложи Албулена Хаџиу за правда, Глаук Коњуфца за надворешни работи, Бесник Бислими за финансии, Розета Хајдари за економиа, Арбен Витиа за Здравство и Блерим Река за евроинтеграции, додека на местото втор вицепремиер е предложен Хаки Абази.
За прв вицепремиер е предложен Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово, додека министри од истата партија ќе бидат и Антон Ќуни за одбрана, Агим Велиу за внатрешни работи, Љумир Абиџику за инфраструктура, Бесиан Мустафа за земјоделство, Хикмете Бајрами за образование и Вљора Дурмоши за Култура.
Од претставниците на Српска листа за министер за заедници и враќање Курти го предложи Далибор Јевтиќ и за министер за регионален развој Иван Милојевиќ.
За членка на Владата од групата „Г-6“ на немнозинските етнички заедници е предложена Емилија Реџепи, која ќе го води ресорот на администрација и локална управа.
Курти порача дека ќе владее отчетно и транспартно, врз основа на волјата на граѓаните и најави почитување на опозицијата, од која очекува да биде конструктивна и коректор на власта.
По излагањето на Курти во Собранието започна расправа за неговиот предлог за состав на новата Влада, за што се пријавени голем број пратеници од опозициските партии.